Главниот преговарач на ЕУ за брегзит Мишел Барние изјави дека блокирање на договорот за напуштање е „најдобар компромис” за двете страни и оти е од клучно значење за Лондон да се фокусира на договарање на нови односи со Унијата.
-Денеска, повеќе од кога било, членовите на британскиот Парламент носат одговорност да ни кажат какви идни односи сакаат за нивната земја со ЕУ, рече Барние на прес-конференцијата во Варшава пред гласањето на Долниот дом за брегзит.
По разговорите со полскиот премиер Тадеуш Моравеци, Барние истакна дека идните трговски преговори се поважни за Велика Британија отколку договарањето за условите за развод, затоа што треба да доведат до трајна соработка.
Барние претходно денеска напиша на Твитер дека Лондон може да гарантира нов датум за бегзит на 22 мај, ако британскиот Парламент го одобри денеска договор за излез од ЕУ.
Ако Велика Британија не го ратификува блокираниот договор оваа недела, ЕУ смета оти таа или ќе излезе од блокот неколку дена по 12-ти април или ќе биде принудена да побара од Брисел за понатамошно одложување на датумот за брегзит, овој пат за подолг временски период.
Главниот правен советник на британската Влада, Џефри Кокс, ги повика пратениците да го одобрат денеска договорот на Кабинетот за напуштање на ЕУ. Кокс истакна дека ова е последна шанса за пратениците да гарантираат дека брегзит ќе се одложи до 22 мај.
-Поради таа причина тоа е последна можност да го искористиме нашето законско право, изјави Кокс пред Парламентот. Тој се осврна на заклучоците од самитот на ЕУ, на кој лидерите се договорија за одложување под услов договорот за излез да биде ратификуван оваа недела.