Мистериозната смрт на сестрите Тала (16) и Ротана (22) Фареа во САД отвори прашања за нивните односи со татковината Саудиска Арабија, во рамките на истрагата за откривање на нивната судбина, пишуваат американските медиуми.
Девојките беа пронајдени мртви, врзани заедно со самолеплива лента, во реката Хадсон во Њујорк, минатата среда. Тие, наводно, добиле наредба да се вратат во Саудиска Арабија, откако побарале азил во САД.
Полицијата допрва треба да ја утврди причината за смртта на девојките чие исчезнување последен пат било пријавено на 24 август. Властите првобитно сметале дека сестрите склучиле самоубиствен пакт, со намера да се фрлат од мостот „Џорџ Вашингтон“, но таквата можност била отфрлена бидејќи на нивните тела не биле видливи знаци на насилство.
Мајката, која живее во САД, им кажала на медиумите дека дента пред исчезнувањето на нејзините ќерки добила повик од амбасадата на Саудиска Арабија, во кој било напоменато дека девојките треба да се вратат дома, откако тие побарале политички азил во САД. Нивната мајка не ги видела ќерките од декември минатата година, кога првично го пријавила нивното исчезнување. Полицијата набргу ги пронашла Саудијките, но тие не се вратиле дома туку отишле во локално прифатилиште.
Саудискиот генерален конзул во САД, преку соопштение информираше дека ангажирал адвокат „што внимателно ќе го следи случајот“, како и дека „сестрите го придружувале нивниот брат на патувањето до Вашингтон“.
Истражителите се обидуваат да откријат зошто девојките биле во Њујорк, на околу 360 километри од нивниот дом во Ферфакс, Вирџинија, како и да стекнат увид во нивните активности, по пријавувањето на нивното исчезнување.