Криминални банди користеле мртви стаорци за да криумчарат дрога и мобилни телефони во затворот Дорсет во Англија, пренесува британски „Гардијан“.
Официјални лица на затворот во Дорсет објавија дека се пронајдени три глодари кои се зашиени на стомакот, а понатамошната истрага открила дека стаорците биле полни со дрога, мобилни телефони, сим-картички и полначи за телефоните.
Мртвите животни се пронајдени во дворот покрај оградата во делот „Ц“ од поправната институција, дел од затворот кој е познат по лоша дисциплина на затворениците. Се претпоставува дека стаорците се фрлани од надвор од затворот, а потоа затворениците на одредени начини биле информирани за да ги земат префрлените материјали.
Претходно во овој затвор, бандите користеле гулаби и тениски топчиња во обид да ги заобиколат мерките за безбедност на затворот.
– Ова покажува дека криминалците се подготвени на сè за да прошверцуваат дрога во затворот и покажува зошто подобрување на безбедносниот систем во затворот е многу важно – рече раководителот на затворот во Дорсет, Рори Стујарт.