Сеизмичката активност е најголема во медитеранските земји, поради тектониката и геодинамиката во областа. Можност за многу силни земјотреси во Европа и Медитеранот има во Турција и Грција
Студија за најголемите ризици од земјотрес на Стариот Континент
Земјите од Балканот, но и Италија, Турција и Романија, се деловите во Европа што се подложни на најголема сеизмичката опасност. Ова меѓу другото се забележува во анализата подготвена од истражувачи од ЕУ и институтот „Шер“, во која се посочува дека овие земји се изложени на значително поголем ризик од земјотреси во споредба со многу други делови на Европа.
– Европа има долга историја на разорни земјотреси. Сите се сеќаваме на трагичните настани во Измир (Турција) во 1999 година и во Аквила (Италија) во 2009 година – изјави професорот Доменико Гиардини, координатор на проектот „Шер“.
Сеизмичката активност е најголема во медитеранските земји, поради тектониката и геодинамиката во областа. Јосип Штипчевиќ, геофизичар од Факултетот за науки во Загреб, објаснува дека најголема можност за многу силни земјотреси во Европа и Медитеранот има токму во Турција и Грција.
– Причината е анадолската плоча, која се лизга по должината на евроазиската плоча на север, свртува кон југ и Егејско Море и на некој начин ја притиска океанската литосфера во Средоземно Море, што е единственото нешто што остана од големиот океан Тетис што некогаш постоел во оваа област – вели Штипчевиќ.
Според хрватскиот геофизичар од Факултетот за науки во Загреб, слична е ситуацијата и во Италија. Причина на честите земјотреси во Италија, според геофизичарот, е добро познатата јадранска микроплоча (Адрија), која е главниот виновник за земјотресите во нашата област.
Во меѓувреме „Индекс ХР“, повикувајќи се на анализата, наведува дека истражувачите од проектот „Шер“ комбинирале податоци од повеќе од 30.000 европски земјотреси со јачина поголема од 3,5 степени по Рихтер од 1000 година, проценувајќи ја нивната големина според штетата и ефектите што ги предизвикаа, и создале мапа за сеизмичка опасност во Европа. Од собраните информации за локациите и јачината на земјотресите, пресметана е сеизмичката опасност за подрачјето на Европската Унија и Турција.
Како што наведува медиумот, сите информации собрани од истражувањето биле употребени за подготовката на единствена мапа за сеизмичка опасност на Стариот Континент. Мапата прецизно ги покажува зоните низ кои може да минат земјотресите во медитеранскиот дел на Европа, но и каде може посилните потреси да му нанесат најголема штета на општеството.
– Тоа е првиот модерен и моментален референтен модел на сеизмичка опасност во Европа. Оваа мапа ќе биде корисна за идното планирање на изградбата, а особено во врска со различните видови згради и инфраструктура, како што се брани, високи згради или дури мостови – рече д-р Артур Пинто, раководител на Европската лабораторија за процена на структурите во Испра, Италија.