Досега низ историјата се покажа дека носачите со авиони не се најјаката страна на руските вооружени сили. Меѓутоа, Русија поседува технологија што
овозможува, во случај на потреба, ефикасно да им се спротивстави на непријателските „пловечки аеродроми“. За таа цел, руската армија може да ги активира „најинтелигентните“ и најмалку воочливи ракети, како од воздух, така и од копно, оценуваат воените експерти

Уште еден инцидент со Иран, кој се обиде да запре британски танкер, хипотетички би можел да ја доведе ситуацијата во Персискиот Залив до ниво на активен воен конфликт помеѓу членките на НАТО и иранската војска. Неизбежниот развој на таквиот конфликт би можела да биде голема операција на меѓународните сили, на чело со САД, против Техеран. Во таква операција, во секој случај би учествувале ударните групи со носачи на авиони. Помеѓу експертите ваквите настани предизвикаа активни дискусии за противавионските способности на Иран. Поради тоа, се поставува прашањето како современите вооружени сили на Русија би се спротивставиле на носачите на авиони ако се најдат во слична ситуација, пишува „Вечерње новости“.

Ударната група на носачи на авиони всушност е група на бродови на чело со повеќенаменски носач на авиони, која вклучува од четири до десет-петнаесет брода и подморници. Во составот на групата носачи на авиони обично има неколку крстосувачи, разурнувачи или фрегати со противвоздушни или противбродски ракетни системи, како и системи за борба против подморници. Покрај тоа, подводната одбрана на ударната група ја обезбедуваат и една или две нуклеарни противбродски подморници.
Воените експерти и стратези се согласни дека носачот на авиони денес е цел што претставува најголем предизвик на море. Тој може да биде уништен со нуклеарна експлозија одблиску или со помош на неколку противбродски ракети или торпеда со обични боеви глави. Меѓутоа, за да го уништат носачот на авиони со помош на торпеда или бродски ракети, авионите или подморниците што напаѓаат треба да им се доближат на одредено растојание. Многу мал број ракетни системи имаат капацитет да го нападнат носачот на авиони од оддалеченост што ја надминува неговата зона на одбрана, која обично има радиус од 400-500 километри.

Во периодот на Советскиот Сојуз беа произведени нуклеарни подморници со крстосувачки ракети од проектот „949 гранит“ и „949а антеј“, кои беа наменети за борба против носачи на авиони. Секоја од овие подморници беше опремена со 24 големи крстосувачки ракети „гранит“. Но некои од подморниците од тие проекти се повлечени од составот на руската воена морнарица. Поради тоа, веќе неколку години се работи на модернизација на тие ракетни носачи во рамките на проектот „949ам“ и се врши замена на ракетите „гранит“ со ракети од повеќенаменскиот ракетен систем „калибар“. Многу е веројатно во иднината тие да бидат опремени и со хиперсоничните противбродски ракети „циркон“. Системите „калибар“ и „циркон“ имаат дострел поголем од 500 километри. Според руските експерти, можно е првите слични подморници да бидат вклучени во руската морнарица по 2021 година.

Покрај подморницата, и многу бродови со ракетните системи „калибар“ од руската морнарица ќе имаат слични капацитети. Меѓутоа, повторно се поставува проблемот со извидувањето и бројот на бродови-носачи на таквите ракетни системи. Во моментот, во руската морнарица има многу мал број големи океански бродови со такви можности.
Аналитичарите потсетуваат дека едно од основните средства за уништување на ударните групи на носачи на авиони во советскиот период беше авијацијата со долг дострел и ракети. За таа цел беа наменети авионите од видот „ту-22м“, а дострелот на нивното оружје, суперсоничните противбродски ракети „х-22“, едвај го надминуваше радиусот на континуираната одбрана на носачите на авиони. Во моментов Русија не поседува доволен број на помодерните авиони „ту-22м3“ и ракетите од видот „х-32“, кои се замена за „х-22“.

Сепак, постои согласност дека најнапредни и најефикасни средства против носачите на авиони во современа Русија се хиперсоничните противбродски ракети „циркон“, кои во моментов се во фаза на тестирање и се подготвуваат за распоредување на бродовите и подморниците на руската морнарица, како и на ракетните системи „искандер м“ и „кинџал“. Неколку удари со такви ракети против носачите на авиони би биле доволни за онеспособување на бродот на подолго време, а можно е и за целосно уништување на т.н. пловечки аеродром.


Напад од копно против носачите на авиони

Најефикасни средства за уништување големи и заштитени цели, како што се носачите на авиони, би можеле да станат копнените ракетни системи. Меѓутоа, за да се гарантира уништувањето на носачот на авиони, неопходно е употреба на ракети со боеви глави со самонаведување. Во моментов такви способности поседува само ракетниот систем „искандер“ со балистичките ракети „9м723“ и крстосувачките ракети „9м728“. Пред нешто повеќе од една година, првпат беа одржани воени вежби во текот на кои ракетните системи „искандер“ стрелаа кон цели на вода. Единствениот ракетен систем, кој се наоѓа во состав на речиси 20 ракетни бригади, може да врши напади врз цели што се наоѓаат на оддалеченост до 500 километри, што значи дека би можел да погоди и борбена група носачи на авиони. Спротивставувањето на нападот од овој ракетен систем со помош на модерните системи за одбрана би било значително тешка задача.


„Невидливи“ ракети

„Кинџал“ е новиот ракетен систем со хиперсонични аеробалистички ракети и авион-носач „миг-31“. „Кинџал“ може да погоди фиксни цели и цели со мали маневарски способности на оддалеченост до 2.000 километри. Земајќи ги предвид суперсоничната брзина на авионот-носач и хиперсоничната брзина на ракетата, нападот на носачот на авиони може да биде извршен во период од само неколку минути по приемот на наредбата. Одбивањето на нападот од „кинџал“ со помош на современите средства за одбрана исто така ќе биде речиси невозможно – високопрецизната стелт-ракета со мали димензии има можности да изведе противракетен маневар, со што ќе ги избегне противавионската и противракетната одбрана на носачот на авиони.