Британската полиција го приведе основачот на „Викиликс“ во еквадорската амбасада, откако неговите домаќини му го укинаа азилот поради наводно мешање во внатрешните работи на Еквадор и на други земји
Британската полиција го уапси основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, откако Еквадор ја повлече одлуката со која му беше доделен азил. Група полицајци влегле во еквадорската амбасада во Лондон и насила го извлекле Асанж, кој речиси седум години помина во дипломатскиот објект на јужноамериканската земја. Тој е уапсен поради непојавување пред британскиот суд, како и поради барањето на САД за негова екстрадиција. Еквадорскиот претседател Ленин Морено изјави дека Британија дала гаранции дека Асанж нема да биде испорачан во земја во која има смртна казна. Морено дополнително порача дека неговата земја го укинала азилот на основачот на „Викиликс“ откако тој повеќепати ги прекршил меѓународните конвенции, односно се мешал во внатрешните работи на други земји. Асанж се засолни во еквадорската амбасада за да избегне екстрадиција во Шведска, каде што против него беше поднесено обвинение за силување и сексуално малтретирање, кое подоцна беше повлечено.
Иако Асанж речиси седум години беше засолнет во еквадорската амбасада, изминатите денови стана јасно дека основачот на „Викиликс“ падна во немилост на Еквадор, особено на претседателот Морено, поради наводното мешање на „Викиликс“ во земјата-домаќин. По неколку објавени ставови на Асанж за меѓународни прашања со кои еквадорските власти не се согласуваат, Еквадор укина некои системи на комуникација во амбасадата.
Односите меѓу Асанж и Еквадор значително се влошија пред два месеца, откако на интернет беа објавени приватни фотографии од Морено и неговото семејство, по што следуваше објавување документи што го поврзуваат еквадорскиот претседател со корупција, измами и перење пари, обвинувања што тој ги отфрли.
– Најновиот инцидент се случи во јануари 2019 година, кога „Викиликс“ ги објави Ватиканските документи. Тоа и другите објавувања ги потврдија сомнежите на светот дека Асанж сѐ уште е поврзан со „Викиликс“ и поради тоа е вклучен во мешањето во внатрешните работи на други земји – порача Морено.
Тој сепак изјави дека добил гаранции од властите во Лондон дека основачот на „Викиликс“ нема да биде испорачан во земја, во која со закон е предвидена смртна казна.
– Во согласност со нашата силна посветеност на човековите права и меѓународниот закон, побарав од Британија да гарантира дека Асанж нема да биде испорачан во земја во која би бил изложен на мачење или соочен со смртна казна. Британската влада го потврди писмено тоа, во согласност со нивните одредби – додаде Морено.
Од друга страна, Рафаел Кореа, кој беше еквадорски претседател кога му беше одобрен азилот на Асанж, остро ја осуди одлуката на неговиот наследник.
– Ленин Морено е најголемиот предавник во еквадорската и јужноамериканската историја – порача Кореа.
Ситуацијата на Асанж може дополнително да се искомплицира, откако од Шведска пристигнаа барања за повторно отворање на случајот пред шведските судови. Елисабет Маси Фриц, адвокатката на Швеѓанката што го обвинува Асанж за силување, изјави дека нејзината клиентка уште од 2012 година го чекала апсењето на основачот на „Викиликс“. Фриц потврди дека ќе побара повторно отворање на случајот пред шведските судови. Шведското обвинителство во 2017 година се откажа од прелиминарната истрага.
Покрај Шведска, и во САД се води истрага против него, бидејќи „Викиликс“ објави стотици илјади страници на американски дипломатски преписки и тајни воени документи. Асанж побегна токму поради тврдењата дека штом ќе биде уапсен, автоматски ќе им биде предаден на американските власти.