Свршеницата на Џулијан Асанж, Стела Морис, откри дека основачот на Викиликс доживеал мозочен удар во затвор на 27 октомври. На Асанж му бил дијагностициран транзиторен исхемичен напад по едно негово појавување пред Високиот суд во октомври, пишуваат светските медиуми, повикувајќи се на тврдењата на неговата свршеница.
– Тешко е за Џулијан и се плашам дека овој инцидент може да биде претходница на поголем напад. Тоа само ги зголемува нашите стравови дека тој ќе може да ја преживее оваа долга правна битка која се уште трае – рече Морис, кој има две деца со Асанж.
Мозочниот удар се случил во октомври, месецот во кој Асанж беше испрашуван од Високиот суд преку видео врска од затворот „Белмарш“.
Морис додава дека тој удар би можел да биде најава за следен.
– Тоа ги зголемува нашите стравувања дека тој нема да ја преживее оваа долга правна битка. Сè треба да се реши под итно. Погледнете ги животните заробени во кафези во зоолошката градина. Тоа им го скратува животот. Тоа е она што се случува со Џулијан. Континуираните тужби се исклучително стресни психолошки – рече таа.
Истакнува дека на Асанж му недостасува свеж воздух, сончева светлина и соодветна исхрана.
Морис вели дека Асанж и на 27 октомври бил премногу болен за да присуствува на рочиштето, но дека судијата не му дозволил да го одложи рочиштето.
– Сигурно беше ужасно да се слушне жалбата на Високиот суд, во која не можете да учествувате, што зборува за вашето ментално здравје и ризик од самоубиство. Беше во навистина ужасна состојба. Неговиот поглед беше неконзистентен, десниот очен капак не сакаше да се затвори, ја губеше меморијата – изјави Морис.
Асанж потоа бил прегледан од лекар, кој открил потенцијално оштетување на нервите.
Да потсетиме, основачот на Викиликс Џулијан Асанж се приближува до екстрадиција од Велика Британија во САД, откако американската влада го доби случајот за екстрадиција во Лондон.
Високиот суд на Обединетото Кралство ја одобри жалбата на американската влада поради одбивањето да го екстрадира Асанж, отворајќи ја вратата за неговото евентуално судење на американска територија под обвинение за шпионажа.
Тој се бара во САД поради објавување на илјадници доверливи документи во 2010 и 2011 година.
Асанж е во притвор од април 2019 година, кога беше осуден на 50 недели зад решетки. Британските власти го извлекоа од амбасадата на Еквадор откако му беше одземено државјанството.
Поддржувачите на Асанж велат дека тој е прогонуван поради разоткривање на злосторствата на американската влада и нејзините сојузници и дека земјите што го прогонуваат практично го обесхрабруваат истражувачкото новинарство на глобално ниво.