Во обид да ја оправдаат репресијата над домашното население и да ја задоволат западната публика, некои од арапските и од муслиманските влади и нивните приврзаници формираа неформални алијанси со конзервативни и десничарски групи и лица на Западот, кои се посветени на ширењето на антиисламскиот фанатизам
Масакрот во двете џамии во Нов Зеланд, во кој беа убиени 50 лица, повторно нѐ предупреди на опасноста од исламофобијата и омразата, која е составен дел од оваа идеологија. За многумина, исламофобијата се поврзува со христијанските западни земји, особено оние што се дом на голем број мигранти. Но колку и да звучи парадоксално, арапските и муслиманските влади имаат голема улога во разгорувањето на антимуслиманската омраза како дел од нивните кампањи за борба против дисидентите дома и во странство. Во обид да ја оправдаат репресијата над домашното население и да ја задоволат западната публика, некои од овие режими и нивните приврзаници формираа алијанси со конзервативни и десничарски групи и лица на Западот, кои се посветени на ширењето на антиисламскиот фанатизам, оценува „Форин полиси“
Уште во 2017 година, шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати, Шеик Абдула бин Зајед, предупреди на исламистите во Европа. Неговата порака, според „Форин полиси“, беше јасна – европските лидери ќе се соочат во иднина со ендемичен вид исламистички екстремизам ако продолжат да го толерираат присуството на радикални екстремисти и терористи во името на човековите права, слободата на изразување и демократијата. Неодамна, пред масакрот во џамиите во новозеландскиот град Крајстчрч, познатиот Емират Хасан Саџвани, кој има врски со кралското семејство и со семејството Трамп, објави неколку пораки на Твитер, со застрашувачки антимуслимански говор, за кој се верува дека го инспирира Брентон Тарант да ги нападне џамиите на Нов Зеланд.
Тоа се само неколку примери на често игнорираниот тренд: вината на арапските и на муслиманските влади во разгорувањето на антимуслиманската омраза, која ја користат како алатка за задушување на дисидентите дома и во странство. Во обид да ја оправдаат репресијата, некои од овие режими формираа неформални алијанси со десничарските групи на Западот, посветени на ширењето на омразата против муслиманите. Арапските режими потрошија милиони долари на разни експертски групи, академски институции и лобистички фирми во обид за обликување на мислењето во западните престолнини за домашните политички активисти, кои се противат на нивната власт и кои во најголем дел се и религиозни активисти. Тие извлекуваат симпатија од Западот, тврдејќи дека тие исто така страдаат од радикалните џихадисти и нудат заедничка соработка за задушување на идеолошките корени на исламистичката закана.
„Форин полиси“ наведува дека автократските режими на Блискиот Исток внимателно култивираат конзервативни и екстремно десничарски кругови на Западот, за кои веруваат дека се наклонети на нивните сопствени антиисламистички агенди. Арапските пропагандисти тврдат дека постои инхерентна поврзаност помеѓу т.н. политичка коректност и тенденцијата да се намали значењето на идеологиите што водат кон тероризам, тврдења што се користат од западните конзервативци за легитимизирање на сопствените аргументи.
Таквите кампањи на арапските влади често ги надминуваат напорите за едноставно објаснување на точната закана од исламистите, која навистина постои. Наместо тоа, тие често користат и тактики за заплашување за да ја преувеличат заканата и да создадат атмосфера во која алтернативата на овие режими станува незамислива од гледна точка на западната политика. Таквата околина исто така им овозможува на овие режими да го задушат дисидентството дома без казна и последици. Тероризмот станува главен поим за оправдување на репресијата. Во Саудиска Арабија, дури и атеистите се дефинираат како терористи во согласност со постојните антитерористички наративи. Ваквите наративи се одвиваат повеќе од една деценија, но се интензивираа во изминатите години, и покажаа дека се ефективни инструменти за освојување пријатели и за влијание на непријателите. Па, така, по воениот удар во Египет во 2013 година, режимот во Каиро и неговите регионални поддржувачи работеа со полна пареа да ги преувеличат ризиците од екстремизмот и да го промовираат генералот Ал Сиси како силен лидер, кој не само што е расположен за борба со екстремистите, туку и со исламистичката мисла.
Овие режими намерно ја туркаат пропагандата за политичките и религиозни активисти од нивните земји, кои сега живеат на Западот, за да ги маргинализираат и замолчат во нивните нови татковини. Многу од овие лица побегнаа од репресијата и побараа заштита во демократијата, со нивното жигосување како религиозни или невидливи џихадисти станува полесно да се дискредитираат нивните антирежимски активности.
Улогата на странските земји во разгорувањето на циклусот на предрасуди и ксенофобија на Западот заслужува итно внимание. Антимуслиманската реторика не е евтина, а како што покажаа настаните од Нов Зеланд, говорот на омраза чини многу невини животи.
Балканот – централно воено поле
Многумина на Балканот беа изненадени и шокирани од инспирацијата на Брентон Тарант, кој уби 50 верници во две џамии на Нов Зеланд и кој во својот манифест се повикуваше на српските воени злосторници, борбата на Грците за ослободување од Турците и слично. Тарант најверојатно се запознал со делата на овие лица и поими во текот на неговите повеќе патувања низ балканскиот регион, вклучувајќи ги Црна Гора, Босна, Хрватска, Бугарија и Грција. Неговото злосторство и инспирација укажуваат на поразувачки податок – иако геноцидните војни на Балканот се завршени, фанатиците од Западот и натаму пристигнуваат во регионот за инспирација.
Без претерување може слободно да се каже дека настаните од војната во Босна во периодот во 1992 до 1995 година се во срцето на крајнодесничарската идеологија. Тоа е прв и единствен пат во поскорешната историја кога конфликт на европска почва се водеше по должината на религиозните линии, поттикнувајќи воскреснување на исламофобијата. Присуството на екстремната десница во конфликтот од 1990-тите е неоспорно. Покрај локалните десничарски милиции, меѓународни доброволци исто така учествуваа во борбите. Па, така, членови на грчката неонацистичка партија Златна зора, која стана фокусна точка за екстремно десничарските движења во светот благодарение на нејзиниот изборен успех во 2012 година, се бореле како доброволци на српската страна во Босна, па дури и учествувале во масакрот во Сребреница.
Други доброволци на сличен начин ги користеа нивните искуства од балканските војни за политиката во сопствените држави. Таков е примерот со бугарските милиции, кои патролираа на државните граници за да го спречат надоаѓањето на бегалците од Турција.
Па, така, денешната екстремна десница на Западот го замислува Балканот, кој и натаму е дом на најголемата муслиманска популација надвор од Азија и Африка, како централно воено поле. Токму сеќавањата на реалните конфликти на Балканот, вклучувајќи ги масакрите и другите злосторства, играат голема улога во разгорувањето на идентитетот на екстремната десница, заклучува „Форин полиси“.