По подемот на ИД, поради што беше формирана арапски предводена иницијатива за уништување на екстремистичката содржина на интернет, иако се постигна согласност меѓу земјите од регионот за таа цел, за жал, и по толку време сѐ уште нема единство дали екстремистичката содржина треба да биде блокирана во целост и како да се направи тоа
Арапските држави заедно со САД имаат намера да ја засилат борбата против злоупотребата на интернетот од страна на екстремистите. Пред помалку од пет години, дигиталното присуство на милитантната група Исламската држава (ИД) беше толку раширено што ги натера американската влада и арапските земји да го преиспитаат нивниот пристап во спречувањето на екстремистичките пораки на интернет. Ваквата движечка сила, која предизвика бран на арапски предводени иницијативи за овој проблем, од кои дел беа изведени заедно со Вашингтон, периодов и покрај расформирањето на дел од структурите на ИД засилено дејствува во сајбер-просторот за да се уништи екстремистичката содржина на интернет. Но според експертите од областа, резултатите, за жал, сѐ уште се мали. Имено, како што наведува „Дојче веле“, центарот за спречување екстремизам и радикален исламизам во интернет-просторот „Саваб“, кој беше отворен во 2015 година како „операција за следење онлајн активности и пораки“ предводен од Обединетите Арапски Емирати, изминатиов период активно работи во насока на уништување на екстремистичките ќелии на ИД што се останати на интернет, особено на социјалните мрежи. Со буџет од пет милиони евра и само десетина члена, заедничкиот потфат на „Саваб“ периодов промовира споделување информации со меѓународните полициски организации од Европа и од САД, кога некои семејни членови пријавуваат роднини што биле радикализирани од џихадистичките организации како ИД.
Како што наведува „Дојче веле“, предизвиците на „Саваб“ во сузбивањето на пораките со екстремистичка содржина на интернет и за време на пандемијата се огромни.
– Центарот „Саваб“ достигна осум милиони следбеници на социјалните медиуми. Сличната интернет-платформа за спречување на екстремизам „Етидал“, софтвер што пресретнува прикачена екстремистичка содржина на социјалните мрежи, не нуди понатамошен доказ за неговата ефикасност. Ваквите недостатоци отвораат нови проблеми за државите што се залагаат за спречување на ширењето на екстремизмот на социјалните мрежи, меѓу кои се и САД – пишува „Дојче веле“.
Познато е за експертите дека овие превентивни програми се тешки за оценување, а американското министерство за внатрешна безбедност неодамна во еден извештај направен во 2016 година соопшти дека голем е предизвикот да се докаже дали нешто се случило или не, а е поврзано со интернет-тероризам и екстремизам.
– Ако почнете да анализирате, ќе откриете дека многу ресурси се насочени кон посилно справување со проблемите, кои, со сè поголемото истражување, се сметаат за сè помалку ефикасни. Во меѓувреме, поважните прашања не го добиваат вниманието што е потребно. Експертската заедница сфаќа дека планот не ја опфаќа само работата на „Етидал“ и на „Саваб“, но некои влади не успеаја во тоа, па затоа уште постојат ризици и сè уште има простор да се дојде до дел од западните земји – смета Ерик Росанд, истакнат соработник на институтот „Брукингс“ во Вашингтон. Покрај дебатите за ефикасноста на пресретнувањето на пораките, дел од истражувањата покажуваат дека арапските иницијативи понекогаш се користат за да се промовира концептуална хегемонија за значењето на исламот, па дури и цел да бидат дисидентите.
Извештајот од 2018 година на Центарот за американски напредок посочи дека „Етидал“ и „Саваб“ работеле „за да ги позиционираат овие држави како светски лидери во умерениот ислам и во борбата против екстремизмот“. Директорот на „Етидал“ еднаш дури и нагласи дека Муслиманското братство било главна цел на иницијативата, а клучни мисии биле апсењето блогери и спречувањето материјали за фаворизирање на Катар. Иако одредени иницијативи можеби ги злоупотребија пресретнувањето на пораките и сличните мерки, сепак оперативците на терен тврдат дека тоа е дел од сеопфатен инструмент за борба против тероризмот кога се користи соодветно.
– Пресретнувањето на пораките првично имаше цел ефикасно да ги неутрализира екстремистичките наративи и пропагандата на интернет. Од моето лично искуство можам да кажам дека мерките за пресретнување на комуникациите на поединци, ќелии или организации, преку увид во временскиот распоред и циклусот за планирање операции, најверојатно се еден од поконструктивните и неопходни инструменти за вршење притисок врз овие често високософистицирани офанзиви – смета Томас Оливие, поранешен холандски разузнавач и експерт против тероризам за холандската безбедносна компанија „Каптара“.