Во потег што претставува силен удар врз Палестинците, Арапската лига на својот годишен самит во средата одби да гласа за резолуција со која се осудува договорот за нормализација на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, пренесува „Тајмс оф Израел“.
– Од овој состанок мора да се објави одлука со која се отфрла овој чекор. Во спротивно, ќе изгледа како да сме го дале нашиот благослов или дека заговараме со него или дека го прикриваме – рече министерот за надворешни работи на Палестинската самоуправа (ПА), Ријад ал-Малики.
Сепак, по тричасовна дебата, непостигнувањето договор меѓу арапските земји околу палестинското прашање не беше разрешено,“ рече високиот претставник на Арапската лига, Хусам Заки.
– Се разбира, дискусијата околу оваа точка беше сериозна и сеопфатна. Но, тоа не доведе до договор околу резолуцијата предложена од Палестинците. Беа предложени голем број амандмани, а потоа и контраамандмани, и дојдовме до точка во која палестинските барања не беа реализирани, а Палестинците претпочитаа тоа да не помине отколку да помине на начин за кој тие веруваа дека се несоодветен – рече Заки.
Според постојаниот претставник на ПА во Арапската лига, Муханад Аклук, арапските земји „одбија да ја вклучат оваа изјава: осуда на ОАЕ за напуштање на арапските одлуки. Дополнително, тие изгласаа клаузула во која се дискутираше за трилатералниот договор помеѓу ОАЕ, САД и Израел.
ПА го нарече договорот ОАЕ-Израел одвратен нож во грбот на Палестинците.
Високиот палестински функционер Саеб Ерекат го повика генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, да си поднесе оставка ако не го осуди договорот. ПА побара и итна седница на Лигата по објавувањето на договорот, при што Ал-Малики се огласи: „Зарем земјотресот не бара итен состанок?“
Барањето на ПА беше отфрлено. Бесниот Ал-Малики одговори со изјава:
– Не може да се објасни со зборови непридржувањето и неспроведувањето на одлуките на Лигата поврзани со Палестина. Нема никаква почит кон нив – рече тој, додавајќи дека тоа е срамно.
Палестинскиот неуспех во Арапската лига следува уште еден срам пред Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), кој го повика претседателот на ПА, Махмуд Абас, да се извини за провокативните и погрешни изјави дадени против арапските земји-членки, објави „Ал Арабија“.
Шефот на ГЦЦ, д-р Најеф ал-Хаџраф, го осуди неодговорниот јазик на подбуцнување и закани упатен кон земјите на ГЦЦ, се вели во извештајот.