Вашингтон и Анкара постигнаа прелиминарен договор за санкциите против турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул и за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пишува турскиот весник „Дајли сабах“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според весникот, турските и американските власти изразиле подготвеност да ги развиваат дипломатските односи и да ги решаваат меѓусебните проблеми.
За два дена во Вашингтон ќе отпатува делегација турски функционери со цел со американските колеги да разговараат за актуелната криза меѓу двете земји, јави Си-Ен-Ен Турк.
Телевизијата, повикувајќи се на дипломатски извори, соопшти дека за некои билатерални прашања двете земји веќе постигнале прелиминарен договор.
Засега официјална потврда нема ниту од турската Влада, ниту од американскиот Стејт департмент.
Односите меѓу двете земји посебно се влошија откако во Турција беше уапсен американскиот свештеник Ендрју Бренсон, кому во Анкара му се суди за тероризам и шпионажа. По одбивањето на Турција да го ослободи свештеникот, кон почетокот на месецот САД воведоа санкции против двајца турски министри, на што Анкара одговори со реципрочни мерки.