Двоумењето на германските и француските лидери може да биде фатално
Автор: Филип Стивенс
Фајненшел тајмс
На историјата добро ѝ се познати гревовите од овластувањата, поточно големите одлуки и лошите последици за кои лидерите силно жалат. Сетете се на војната во Ирак. Понекогаш грешката е двоумењето, ненавременото донесување одлуки и игнорирање на изборот. Потешко се забележуваат гревовите на игнорирањето, но честопати имаат разорно влијание. Германската канцеларка Ангела Меркел треба добро да размисли во оваа насока.
Минхенската безбедносна конференција, која е годишен собир на меѓународните безбедносни елити и воедно се одржа овој месец, се фокусираше на изразените разлики и поделбата меѓу западните демократии. Организаторите ова го нарекоа „незападност“. Сетете се на напливот на лоши вести претставени од воинствениот унилатерализам на американскиот претседател Доналд Трамп, европската немоќ пред хаосот на Блискиот исток, брегзит и подемот на политичкиот екстремизам во европските демократии.
Трансатлантската поделба беше целосно видлива. Мајк Помпео, американскиот државен секретар, го величаше национализмот на „Америка на прво место“. Победата за Западот значи заштита на националниот суверенитет. Сепак, никој друг не смее да го воздигне нивниот суверенитет без да добие одобрување од Вашингтон. Додека го слушав плиткиот и бомбастичен говор, барем Трамп беше искрен во неговиот фанататизам.
Американските сенатори и членови на Претставничкиот дом покажаа обединетост, а демократите воопшто не ги кријат стравовите дека нивната партија може да му ја сервира на тацна новата изборна победа на Трамп, со избор на кандидат што не може да победи, додека меѓународно ориентираните републиканци делумно се извинуваат за американската надворешна политика. Освен ако не разбрав погрешно, Линдзи Греам, сенаторот на Јужна Каролина, кој честопати го брани Трамп на малите екрани, јасно ја пофали изразено нетрамповската идеја за мултилатерализам.
Ако разликите на Европа со Белата куќа рутински се дискутираат во јавноста, врската која најмногу ќе се влоши е онаа меѓу Париз и Берлин. Возраста и темпераментот секогаш биле против идејата дека Меркел и Макрон се сродни души, но можеа да бидат барем партнери.
Наместо тоа, врската се распадна. Макрон, кој имаше свое обраќање во Минхен, покажа нетрпеливост и разочараност од инертноста која денес се смета за надворешна политика на Германија. Меркел истовремено беше неприсутна и сеприсутна – нејзиното несигурно држење на власта е предмет на озборувања на секоја конференција. Политички опколена, таа покажа презир кон излагањето на Макрон.
Германските и француските лидери ретко имаат ист светоглед – силата на легендарниот сојуз отсекогаш била во заедничките напори да се надминат длабоките разлики. Но повеќе не е така. Кризата кулминираше во ноември на вечерата што ја организираше германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер. „Њујорк тајмс“ прв пренесе дека имало жестоки препирања, според сведоштвата на присутните.
Меркел се пожалила дека целото свое време го потрошила да ги поправи грешките што претседателот ги направил во обидот да ги спроведе неговите грандиозни проекти. Макрон исто така жестоко возвратил дека секој обид што го направил за да се зајакне Европа, за да може да одговори на светските предизвици, бил премолчен или критикуван. Пропуштиле златна шанса за соработка. Сега Макрон смета дека мали се шансите да соработува со некој кој дома е на залезот од кариерата.
Да се навратиме на пролетта од 2018 година. Двајцата лидери тогаш располагаа со голем политички простор и капитал. Макрон сè уште беше под импресии од победата на претседателските избори во 2017 година. По тешкиот период, Меркел формираше коалиција за почеток на четвртиот мандат. Таа долго време се жалеше дека нема „сериозен“ партнер. Сега конечно доби. Двајцата добро го проценија Трамп и сфатија дека Европа мора сама да се погрижи за своите проблеми. ЕУ требаше да почне да гради економска унија за да го зајакне еврото и да развие свои надворешни и безбедносни политики додека САД се повлекуваа, а во меѓувреме се справуваше со темпераментниот Трамп.
Но ништо не се случи. Макрон ги спроведе своите иницијативи, а Меркел ги игнорираше и повремено правеше мал чекор напред, колку за да не се посрамоти. Макрон на француските проекти им даваше европска основа, како што критикуваа нејзините функционери. Имаше премногу тензии, но премалку политички детали. Париз не внимаваше на помалите земји од ЕУ. Германските гласачи не сакаа големи планови.
Можеби има вистина во критиките. Француските претседатели имаат навика да прават грешки. Реакциите на Меркел, од друга страна, не помогнаа. Наместо да ги претстави своите планови, Берлин го кочеше процесот. Оние кои внимателно го слушаа говорот на Штајнмаер во Минхен сигурно забележаа сигнали на сочувство кон Макрон.
Можеби канцеларката не сака да го зачува единството на ЕУ. Уште поцинично е што таа сакаше по секоја цена да избегне сè што може да ја дестабилизира нејзината позиција дома. Иронијата е што нејзината репутација е најслаба досега без гаранции дека ќе издржи уште една година на функцијата.
Минатиот месец Меркел во интервју за „Фајненшел тајмс“ ја опиша ЕУ како „животно осигурување“ на Германија. Нејзиниот одговор на прашањето за оддалечувањето од САД беше дека „во Европа, а особено во Германија, мора да се преземе поголема одговорност“. Ова можеше да го стори уште во 2018 година, но сега шансата помина, а двоумењето, односно недостигот на лидерство, ќе го дефинира нејзиното наследство.
Превод: Билјана Здравковска