Стигна ерата на постојан импичмент на американските претседатели, пишува „Вашингтон пост“. Само шест месеци по завршетокот на последната постапка за отповикување со која се соочи претходниот американски претседател Доналд Трамп, републиканците почнаа да бараат импичмент и за неговиот наследник Џо Бајден, поради справувањето со ситуацијата на заминување на САД и нивните сојузници од Авганистан.
– Ако оставиме еден Американец таму, или некој од оние кои ни помогнаа, тогаш Бајден, според мое мислење, извршил голем прекршок според Уставот и треба да биде отповикан – изјави за „Фокс њуз“ сенаторот Линдзи О. Греам во петокот.
Неговата сопартијка Елис Стефаник исто така побара импичмент за Бајден.
– Бајден не е способен да служи како претседател на САД поради хаосот во Кабул – напиша Стефаник на Твитер.
Ако републиканците го освојат мнозинството во претставничкиот дом на Конгресот, Бајден веројатно ќе се соочи со постапка за импичмент, што би значело дека тој ќе биде третиот од петмината поранешни претседатели на САД за кои била поведена постапката во рок од четири години.
Републиканецот Чип Рој потсети дека тој веќе повика за импичмент на Бајден и на секретарот за внатрешна безбедност, Алехандро Мајоркас, поради напливот на мигранти кои преминаа преку јужната граница на САД.
Иако импичментот беше силна алатака во минатото, некои американски претседатели успешно се справија со обвиненијата, па дури и притоа ја задржаа нивната популарност кај гласачите. Импичментот на Бил Клинтон резултираше со поделено гласање во Сенатот, а тој ја напушти функцијата во јануари 2001 година.
Доналд Трамп во два наврата се соочи со можноста за отповикување. По обвинението во февруари минатата година, тој го забележа највисок рејтинг во неговиот мандат, но ја загуби поддршката поради справувањето со пандемијата. Сепак, тој се смета за фаворит за 2024 година, доколку реши да се кандидира повторно, и покрај тоа што се соочи со два импичмента, наведува „Вашингтон пост“.
Врз основа на неодамнешните докази, се чини дека колку почесто импичментот се користи против претседателите, како конгресна алатка, тој станува сѐ помалку моќен.
Како и да е, некои републиканци се подготвени да ја зграпчат шансата во обидот да се ослободат од Бајден на тој начин, заклучува американскиот весник.