Марија Бутина конечно се враќа дома откако помина повеќе од една година зад решетки во бизарен случај на антируска хистерија во кој активистката за оружје беше оцрнета во медиумите и затворена како нерегистриран странски агент, пренесува „РТ“.
Вашингтон соопшти дека Бутина, што САД ја сметаат за наводен руски шпион, денес ќе биде депортирана од Мајами, а рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов потврди дека таа утре наутро ќе пристигне во Москва.
-По повторените барања на амбасадата да се разјасни процедурата за враќање на Бутина во Русија, добивме конечен одговор дека на 25 октомври Марија ќе биде префрлена од сојузниот затвор во Талахаси во миграцискиот центар, од каде истиот ден ќе полета за Москва – посочи Антонов.
Бутина беше уапсена на 15 јули 2018 година во Вашингтон и обвинета дека е нерегистриран агент на странска влада, односно на Руската Федерација, која за своите активности не ја известила американската влада и учествувала во заговор против неа.
Со други зборови, како што објавија американските медиуми, Бутина била руски шпион. Таа беше обвинета за развој на односи со американски лица и инфилтрирање во организации кои имаат влијание врз американската политика заради остварување на интересите на Руската Федерација.
Американското министерство за правда утврди дека Русинката од 2015 до 2017 година работела според упатства на висок официјален претставник на руската влада. Министерството објави дека тој функционер е под санкции, а американските медиуми открија дека станува збор за Александар Торшин, функционер на Руската централната банка. Шпанските иследници го поврзуваат Торшин со руската мафија и перење пари во странски банки.
Бутина основала руска верзија на здружението НРА, наречено Право на носење оружје и често гостувала на конференциите на активистите за оружје, а високи претставници на НРА гостувале на руски конференции на нејзина покана.
Подоцна се дозна дека Бутина, исто така, учествувала на средби меѓу руски службеници и двајца високи функционери на Централната банка на САД (ФЕД) и американското Министерство за финансии во 2015 година.
На тие состаноци учествувале Стенли Фишер, тогашен потпретседател на Управата на Американската Централната банка и Нејтан Шитс, тогашен потсекретар за меѓународни односи на Министерството за финансии.
Бутина беше уапсена во средината на 2018 година и осудена на 18 месеци затвор. Таа прифати спогодба со која призна вина откако беше задржана во самица и побара изрекување казна. Во спогодбата, Бутина е претставена како марионета на руските моќници, кои ѝ помогнале да се инфилтрира во НРА и Републиканската партија за да работи за руските интереси.
Интересно е тоа што Бутина беше обвинета само неколку дена откако американското обвинителство поднесе обвинение против 12 руски функционери од воени разузнавачки служби, осомничени за вмешаност во изборите во САД во 2016 година, а само неколку часа по состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.