Поддржувачот на американскиот претседател Доналд Трамп, Брајан Колфаџ, покрена интернет-кампања за донации наменети за изградба на граничниот ѕид помеѓу САД и Мексико, преку која беа собрани 3,3 милиони долари за три дена, пренесува „Њујорк пост“.
– Главното ветување на Трамп во претседателската кампања во 2016 година беше градењето на граничниот ѕид. Иако тој ги исполни сите ветувања досега, проектот за изградба на ѕидот сè уште не е почнат – објаснува Колфаџ на страницата за донации.
Како што наближува крајот на втората година од претседателскиот мандат на Трамп, неговата администрација сè уште ја нема започнато изградбата на ѕидот, а предлогот за буџет одобрен од Сенатот исто така не оддели средства за овој проект.
На интернет-страницата за донации „Гоуфандми“, пишува дека целта е достигнување сума од пет милијарди долари, а тоа може да се постигне ако секој поддржувач на Трамп донира 80 долари за проектот.
– Дури и да собереме половина од потребната сума, тоа сепак е половина изграден ѕид. Ние можеме да го сториме тоа – објаснува Колфеџ на страницата за донации.
За три дена, собраната сума достигнала 3,3 милиони долари, со помош на донациите од 54.182 луѓе кои уплаќале пари речиси секоја минута.
Колфеџ ги уверува оние кои донираат дека веќе стапил во контакт со администрацијата на Трамп и оти сите средства ќе бидат наменети за изградбата на граничниот ѕид.