Светските медиуми се преполни со вџашувачки стории за цената што ја плаќаат граѓаните за користењето на здравствениот систем во САД, особено кога станува збор за породувањето. Па, така, Стела Апо Оса-Твум имала предвремено породување со тројка, за што болницата ѝ издала сметка од 877.000 долари. Иако осигурувањето на Оса-Твум и на нејзиниот сопруг покрило најголем дел од сумата, тие сепак морале да платат 51.000 долари.
Процените за просечната цена за породување во САД значително варираат, а невладината организација „Чајлдбрт конекшн“ наведува дека болничките трошоци за стандардно породување изнесуваат 32.000 долари, додека, пак, за царски рез се над 51.000 долари. Осигурителните компании покриваат најголем дел од трошоците, но и покрај тоа, многу семејства на крајот мора да платат големи сметки. За разлика од „Чајлдбрт конекшн“, организацијата „Федерејшн оф хелт пленс“ тврди дека просечната цена за породување во САД е многу пониска, односно 11.200 долари за стандардно породување и 15.000 за породување со царски рез. Сепак, и овие бројки се многу повисоки во однос на другите развиени земји.
Покрај високите сметки, Американците живеат во една од најопасните развиени земји за породување, при што секоја година околу 700 мајки починуваат при породувањето, а смртноста на новороденчињата е, исто така, многу повисока во споредба со другите развиени земји.