Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во Рим ќе се сретне со американскиот специјален пратеник за Венецуела, Елиот Ејбрамс, на разговори посветени на случувањата во оваа јужноамериканска земја, објави московскиот весник „Независимаја газета“.
Весникот посочува дека на разговорите Рјабков „ќе го предупреди Вашингтон“ против воена интервенција и други форми на „илегално влијание врз легитимните власти“ во Каракас.
Според заменик директорот на Институтот за Латинска Америка при Руската академија на науки, Дмитриј Розентал, средбата Рјабков-Ејбрамс претставува „позитивен чекор“, што би можел да спречи прераснување на кризата во Венецуела во вооружен судир.
– Русија и САД можат да понудат мировен предлог, со цел политичкиот судир да не прерасне во воен- изјави Розентал.
Сепак, според него, не треба да се имаат големи очекувања од средбата во Рим, имајќи пред вид дека Москва и Вашингтон имаат различни ставови и пристапи во решавањето на политичката криза во Венецуела.