Американската разузнавачка заедница објави извештај во кој се тврди дека руската влада се мешала во претседателските изборите во САД одржани минатата година со кампања за влијание преку која го оцрнила новоизбраниот претседател Џо Бајден, а го поддржувала поранешниот претседател Доналд Трамп, детално опишувајќи огромен притисок и дезинформации кои успешно биле насочени и отворено прифатени од страна на сојузниците на Трамп, пренесува „Си-ен-ен“.
Извештајот објавен од Кабинетот на директорот за национално разузнавање дава досега најсеопфатна проценка на странските закани за изборите во 2020 година. Во него е наведено дека целта на Русија не била само оцрнувањето и поддршката, туку исто така да ја поткопа довербата на јавноста во изборниот процес и да ги влоши социополитичките поделби во САД.
Според администрацијата на Бајден, со извештајот се потврдува она што во голема мера тие го претпоставувале минатата година, дека Трамп и неговите сојузници јавно ја прифатиле руската кампања за дезинформации против Бајден и се состанале со луѓе поврзани со Кремљ. Се очекува администрацијата на Бајден да објави санкции поврзани со мешање на изборите следната недела против Русија, Кина и Иран.
– Клучен елемент на стратегијата на Москва во овој изборен циклус беше употребата на полномошници поврзани со руското разузнавање за да се поттикнат наративи за влијание, погрешни и неиздржани обвинувања против претседателот Бајден, а испратени до американските медиумски организации, американските власти, и блиски лица на поранешниот претседател Трамп и неговата администрација. За разлика од мешањето во 2016 година, не забележавме постојани сајбер обиди од руска страна за добивање пристап до изборната инфраструктура на САД – се вели во извештајот.
Американските разузнавачки агенции оценија дека рускиот претседател Владимир Путин имал увид во активностите на Андриј Деркач, украинскиот пратеник кој се состанувал со адвокатот на Трамп, Руди Џулијани, и постојано промовираше дезинформации против Бајден. Со поврзувањето на рускиот претседател Владимир Путин директно со постапките на Деркач, извештајот покажува разлика од само едно ниво на поврзаност помеѓу рускиот лидер и адвокатот на Трамп. Ваквите конекции меѓу Трамп и Русија доведоа до истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за потенцијален таен договор на изборите во 2016 година.
– Овој извештај ги истакнува сегашните и минатите напори на нашите противници да влијаат врз нашите избори, за што треба да бидат информирани сите Американци. Русија вложи вистински напори да влијае на резултатите од изборите, не само во 2020 година, туку и во 2016 година – изјави демократскиот сенатор Марк Ворнер, претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот.
За разлика од Русија, обидите на Иран и Кина се поразлични. Иранските вмешувања „имаа за цел да ги поткопаат шансите за повторен избор на поранешниот претседател Трамп, но без директно промовирање на неговите ривали, да ја поткопаат довербата на јавноста во изборниот процес и институциите на САД, како и да посеат поделби и да ги влошуваат општествените тензии во САД“, се наведува во извештајот.
Вмешувањето на Кина не било насочено кон промената на резултатите од изборите, но сепак Кина презела барем неколку чекори за да наштети врз кандидатурата на Трамп.
– Ваквите обиди на американските противници настојуваат да ја влошат поделбата и да ја поткопаат довербата во нашите демократски институции. Решавањето на овој постојан предизвик бара внимание од целата влада, пристап втемелен во разбирање на проблемот, кој разузнавачката заедница настојува да го обезбеди – изјави директорот за национално разузнавање, Аврил Хејнс.