Во објавениот извештај за убиството на Џамал Кашоги
Американските разузнавачки агенции во новиот декласифициран извештај заклучиле дека саудискиот принц Мохамед бин Салман ја одобрил акцијата во која беше убиен новинарот Џамал Кашоги во 2018 година. Вашингтон, сепак, не решил да воведе финансиски или други санкции против саудискиот престолонаследник, објавуваат светските медиуми.
Извештајот на четири страни кој беше објавен вчера, го потврдува ставот дека 35-годишниот бин Салман имал удел во убиството на еден од неговите најгласни критичари, кој живеше во егзил во САД.
Проценката беше соопштена заедно со идните чекори на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, вклучувајќи ја и „Кашоги политиката“, која треба да наметне санкции за визи за индивидуалци кои во име на странска влада изршуваат активности против дисидентите, вклучувајќи малтретирање, надзор и закани против новинари, активисти и дистиденти.
Американското министерство за финансии соопшти и дека воведува санкции против Ахмад Хасан Мохамед ал Асири, поранешниот заменик-шеф на саудиското разузнавање, за кого се тврди дека бил задолжен да го убие Кашоги и кој наводно бил водач на акцијата. А санкции се воведени и против други членови на тимот што учествувал во убиството.
Директорката за национално разузнавање Еврил Хејнс во изјава за радио „Ен-пи-ар“ кажала дека извештајот за убиството на Кашоги би можел да ги закомпликува односите со Саудиска Арабија в иднина. Саудиското министерство за надворешни работи преку соопштение „категорично ги отфрли тврдењата во извештајот доставен до американскиот Конгрес“.
Одредени сенатори побараа санкции и против Принцот Мохамед бин Салман, како и дополнителна транспарентност на извештајот од кои одредени делови беа редактирани. Извештајот објавен од Канцеларијата на директорката на националното разузнавање се засноваше врз информации собрани од ЦИА. Во него се тврди дека агенциите процениле оти „Мохамед бин Салман ја одобрил акцијата во Истанбул за фаќање или убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги“. Во проценката на американските разузнавачки служби се додава и дека „не е веројатно“ оти акцијата била изведена без одобрение на принцот со оглед на неговата „апсолутна контрола врз безбедносните и разуззнавачките организации во Саудиска Арабија.
Принцот Мохамед бин Салман претходно негираше дека го наредил убиството или дека имал какви било сознанија за злосторството. Сега останува да се види како извештајот ќе влијае на неговите односи со администрацијата на Бајден.