Пет сенатори републиканци синоќа се обратија до претседателот Доналд Трамп со барање за прекин на преговорите со Саудиска Арабија за соработка во нуклеарни проекти во мирнодопски цели како одговор на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Ријад планира да изгради 16 нуклеарни реактори за производство на електрична енергија. Преговори се водат со неколку земји, вклучително и САД и Русија.
Новите моменти од убиството на Џамал Кашоги, но и аквиите на Саудиска Арабија во Јемен и во Либан предизвикуваат голема загриженост во однос на транспарентноста, одговорноста и одлуките на раководството на Саудиска Арабија, се истакнува во писмото до Трамп.
Државниот секретар Мајк Помпео и секератарот за одбрана, Џејмс Матис повикаа на деескалација на судирите во Јемен и отпочнување на мировни преговори.
Дојде време за прекратување на воените дејства со ракетни и напади на беспилотни летала во регионот од страна на териториите по контрола на Хутите, истакна Помпео.
Шиитските бунтовници Хути имаат поддршка од Иран.
Матис ги повика завојуваните страни да седнат на преговарачка маса во рок од 30 дена. И тој и Помпео се надеваат на успех на преговорите под покровителство Мартин Грифитс, специјален пратеник на генералниот секретар на ОН.
Преговори за прекинување на конфликтот во Јемен, најсиромашна арапска држава, имаше во септември, но пропаднаа.
САД ја поддржуваа арапската коалиција уште од самиот почеток кога во 2015 започна воена кампања во Јемен. Но, откако во август како резултат на воздушните напади на коалицијата беше уништен школски автобус при што загинаа 50 лица, САД го промени расположението.
Убиството на саудискиот новинар во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул целосно ја смени реториката на официјалните политичари во Вашингтон кон поранешниот партнер Саудиска Арабија.