Според нацрт-законот до кој дошол „Форин полиси“, компаниите кои учествуваат во поставувањето нафтоводи за руските енергетски проекти, со посебен акцент на гасоводот „Северен поток 2“, ќе бидат цел на серија нови санкции.
Нацрт-верзијата на двопартискиот закон спонзориран од републиканскиот сенатор Тед Круз и од неговата демократска колешка Џин Шахин се очекува да биде претставена во Сенатот во понеделник и да ги блокира трансакциите во американски имот и интересите што на вклучените компаниите и да ги казни субјектите што помагаат во проектот.
Гасоводот во голема мера ја подели Европската Унија, а нациите предводени од Полска се загрижени за зголеменото влијание на руската фирма „Гаспром” во регионот ако се комплетира новиот гасовод.
Поддржувачите на „Северен поток 2“ тврдат дека тој е неопходен за да се гарантира дека во наредните децении ќе има непрекинато снабдување бидејќи увозот на ЕУ треба да се зголеми. Поборниците на проектот, исто така, истакнаа дека нафтоводот ќе биде посигурен пат за рускиот гас од традиционалниот преку Украина, кој забележа неколку прекини.
Администрацијата на Трамп ја прекори Германија за продолжување со проектот, а минатиот јули американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Берлин дека е заложник на Русија поради зависноста од Москва за енергија.
Белата куќа ги продолжи своите закани со санкции со месеци. Во јануари, амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел, напиша писмо до група компании кои се вклучени во „Северен поток 2“ во кое им се заканува со нови санкции ако продолжат да учествуваат во овој потфат. Германскиот министер за надворешни работи, Хаико Маас, ги критикуваше заканите тврдејќи дека за прашањата од европската енергетска политика мора да се одлучува во Европа, а не во САД.