Кина се противи на одлуката на САД да ја прошират забраната за продажба на иранската нафта, чекор кој создаде многу неизвесност на глобалниот нафтен пазар, јавува „Си-ен-ен“.
Вчера, официјален Пекинг ја осуди одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со која одлучи дека ќе прекине да иззема неколку држави од нејзините сакнции за купување на нафта од Иран. Кина е еден од најголемите увозници на иранска нафта, заедно со Индија.
– Кина се противи на едностраните сакнции и т.н. „јурисдикција на долгата рака“ наметнати од САД. Нашата соработка со Иран е отворена, транспарентна, законска и легитимна, така што треба да се почитува – рече портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Генг Шуанг.
Исклучоците за санкциите им беа доделени на Кина и на седум други земји минатата година, а истекуваат на 2 мај.
Кина не е единствената земја која ја критикуваше американската одлука на администрацијата на Трамп. Засегната е и Турција, која исто така реагираше на проширената забрана, а индиските власти сè уште не излегоа со официјална реакција.
Одлуката на Вашингтон да не ги продолжи исклучоците на санкциите за земјите ги зголеми цените на нафтата за скоро три отсто, а еден барел нафта сега чини 74 долари, што е највисока цена уште од ноември 2018 година.
Од „Си-ен-ен“ предвидуваат дека цената на нафтата ќе продолжи да расте, поради тоа што прекинувањето на достапноста на иранската нафта ги дополнува тековните проблеми со другите големи добавувачи на нафта како што се Венецуела и Либија, земји кои веќе подолг период се соочуваат со сериозна криза.