Речиси осум часа пред иранскиот ракетен напад врз американските сили во ирачките бази на 8 јануари, американските и ирачките војници во воздухопловната база Аин ал-Асад побрзале да ги пренесат персоналот и оружјето во заштитени бункери, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на двајца неименувани ирачки официјални претставници од базата.
До полноќ, ниту еден борбен авион или хеликоптер не останал на отворено, изјавил еден од изворите за агенцијата.
Друг извор од службите за разузнавање соопштил дека се чини оти американските војници го знаеле точното време за нападот и биле потполно свесни за фактот дека базата ќе биде нападната по полноќ.
– Кога ракетите, конечно, паднаа околу 1.30 часот наутро, тие погодија празни објекти, евакуирани неколку часа порано – соопштил изворот.
Во нападот нема повредени или загинати лица.
„Ројтерс“ проценува дека ваквите тврдења се доказ оти иранскиот напад е една од најлошo зачуваните тајни во модерното војување, но сепак голема мистерија е зошто е тоа така.
По гранатирањето, неколку американски медиуми цитираа американски официјални лица, кои тврдат дека нападот бил спроведен со цел Иран да добие сатисфакција на повиците за одмазда по ликвидацијата на генералот Касим Сулејмани, а сепак притоа да не влезе во ризик од нови американски напади.
Други, повикувајќи се на извори од САД и арапските земји, велат дека Иран го предупредувал Ирак пред нападот и дека Ирак ги доставил тие информации до американската војска.