Одликуваниот припадник на американските морнарички „фоки“ Едвард Галагер (40) е ослободен од обвинението за убиство со умисла на дете-борец од Исламска држава (ИД) во Ирак, во мај 2017 година, пренесува Си-ен-ен.

Но седумчлената порота го прогласи за виновен за објавување на фотографија со 12-годишниот борец, за што би можел да добие максимална затворска казна од четири месеци. Обвинителството посочи дека Галагер ја направил фотографијата откако фатално го избодел тогашниот заробеник, за кого се грижеле американските лекари.

Одбраната, пак, не оспоруваше дека фотографијата е дело на Галагер, но тврдеше оти фотографијата, ниту другите докази, не покажуваат дека нивниот клиент го убил заробеникот. Неговите правни застапници го прикажаа Галагер како „бескомпромисен воин против кого помладите колеги имале лична нетрпеливост“.

Галагер ја пратил сликата по Интернет некому, пишувајќи „има добра приказна зад ова, го суредив со мојот ловечки нож“. Повеќемина припадници на „фоките“ сведочеа дека и тие го сликале телото на жртвата заедно со Галагер. Еден од нив ја опиша фотографијата како „трофеј“ за прославување на успехот на мисијата.

Обвинителството, претходно претстави приказ на високообучен борец кој се оттргнал од контрола во текот на неговата осма воена тура, пукајќи кон ирачки цивили и смртно бодејќи дете-борец на ИД. Во обвинението се наведува и дека Галагер го избодел момчето кое било донесено на лекување кај „фоките“ во ирачки Мосул, поради повредите здобиени во борбите со ирачката армија во мај 2017 година. Згора, сведоците тврдеа оти Галагер без причина го избодел момчето, а потоа и позирал со неговиот труп. 

На судењето дојде до изненадувачко откритие кога сведокот на наводното злосторство, и соборецот на Галагер од истата единица, Кори Скот, истакна дека тој го извршил убиството, а не обвинетиот. 

Поротата повторно ќе се состане во текот на денешниот ден за да ја одреди казната на Галагер.