Американците по изборите се најдоа во уште повеќе дестабилизирана реалност засенета од опасни неизвесности, пишува Дејвид Фрум во неговата колумна насловена „Американскиот систем е расипан“ за магазинот „Атлантик“.
САД поминаа низ најголемиот демократски настан во нивната историја. Барем 70 милиони гласачи се определија за Џо Бајден. Но, како и секогаш, останува нејасно дали американскиот изборен систем ќе го ратификува или ќе го подрие гласот на народот. Се чинеше дека Бајден се движи кон претседателството. Ако стигне до целта, тој веројатно ќе се соочи со блокиран и парализиран Сенат под водството на републиканците. Надежите да одлучна акција против пандемијата и економската рецесија делуваат згаснати.
– Трамп би можел да ја напушти функцијата во јануари, но тој приложи доказ на одреден концепт – корупцијата, авторитаризмот и злоупотребата на власт, односно политичката цена за трампизмот се покажа како прифатлива. Во магливата реалност, сепак, одредени вистини излегуваат на виделина, без разлика на разврската на ситуацијата – пишува Фрум.
Американскиот систем и влада се неефективни и подложни на кризи, штетата за американското лидерство во светот е тешка и непоправлива, а американското општество е поделено повеќе отколку кога било претходно, но не за прашањата кои би се очекувале.
Целта на изборите е создавање на ефективни влади кои генерално се сметаат за легитимни од повеќето граѓани. Во последните две децении америкаскиот систем потфрли на тој тест во повеќе наврати. Изборите системски се во спротивност на волјата на мнозинството.
Трката помеѓу Трамп и Бајден беше тест за националниот карактер и изгледа дека САД ќе го положат, иако едвај. Но разврската не е пријатна и работата за преточување на аспирациите во реалност ќе биде тешка и неизвесна во наредните четири години, заклучува авторот.