Новите технологии им овозможуваат на Русија и на Кина да ги уништат американските бази и логистички мрежи, вклучувајќи ги и оние на нивна територија
Форин полиси
Автор: Мајкл Бекли
Во поголем дел од нивната историја, САД го имаа луксузот да водат војни надвор од нивните територии. Ниедна голема меѓународна битка не се одиграла на континенталната територија на САД повеќе од два века, а нивните надворешни територии не претрпеле сериозен напад откако Јапонија го бомбардираше Перл Харбор во Втората светска војна. Во изминатите неколку децении, дури и американските бази на туѓо тло се соочија со неколку конвенционални воени закани.
Досега невидениот имунитет овозможи посебен начин на американско војување кое опфаќа масовни напади спроведени од речиси несоборливи и географски далечни позиции. Во поновите војни во Авганистан, Ирак, Либија и Србија, американската војска, на пример, користеше безбедни бази и логистички мрежи кои се протегаа од центарот на САД до непријателските граници. Од овие огромни безбедни простори, војската стратегиски можеше да ги бира битките и да спроведува воздушни и ракетни напади со совршена прецизност. Како резултат на тоа, немаше простор за сомнеж во исходите од непосредните војни, како и за нивните последици.
Сепак во идните војни, новите технологии може да им овозможат на ривалските сили, како Кина и Русија да изведат прецизни и катастрофални напади врз американските воени бази и логистички мрежи, дури вклучувајќи ги и оние на самата територија на САД. Напредокот во областа на воздушниот простор, роботиката, машинското учење, 3Д-печатењето и наноматеријалите овозможува создавање на нови класи на ракети и смртоносни дронови, што можат тајно да се лансираат на големи далечини и да оневозможат единици висококонцентрирани на едно место, по цена на користење на традиционален оружен напад на војската.
Новите суперсонични ракети ја комбинираат брзината и досегот на балистичките ракети, се прецизни и можат да маневрираат како крстосувачките проектили. Беспилотните летала и подводните автономни проектили веќе имаат прекуокеански досег. Со помош на алгоритмите можат да се програмираат над 1.000 дронови. Јаглеродните 3Д-принтери можат да произведат 1.000 дронови дневно за помалку од 10 долари за примерок, а со наноматеријалите во дроновите можат да се вградат боеви глави што се двојно помоќни од стандардните експлозиви.
Ширењето на овие технологии ќе го застарат денешниот начин на војување на САД. Вооружени со огромни и обновени арсенали на проектили со долг дострел и вооружени дронови, Кина и Русија имаат сè поголеми шанси да им го одземат на САД засолништето на воените операции. Во претходните технолошки ери, за да се нападнат американските бази беше потребно да се изведат смели напади, кои обично беа премали или повремени за да предизвикаат штета на американската воена моќ, или да се изведат напади со нуклеарни ракети што можат да предизвикаат сличен одговор. Сепак, Кина и Русија можат да испратат орди на конвенционални ракети и дронови за еднократна употреба и да нанесат катастрофална штета по американските мрежи, да ги уништат американските оружени капацитети додека се во базите, да ги прекинат американските комуникациски врски и целосно да ги онеспособат клучните резерви на гориво и муниција.
Американската војска потешко ќе даде соодветен одговор на ваквите напади, затоа што е неподготвена за нив. Повеќето бази располагаат со неколку, а некои и воопшто немаат, системи за ракетна одбрана или непробојни бункери. Борбените авиони и воените бродови честопати се оставени на отворено. Комуникациите меѓу командните центри и војниците на терен широко се потпираат на сателитите кои следат предвидливи орбити и подокеански кабли, што се видливи во отворените извори.
Американската логистичка моќ генерално се состои од невооружени парни бродови од кои повеќето ќе бидат надвор од употреба во рок од 15 години, а американските воени бродови и подморници тешко одново се распоредуваат, така што во време на војна тие ќе треба да го користат бојното поле и неколкуте пристаништа на американска и на сојузничка територија.
Ваквите пропусти во американската одбрана заедно со брзите технолошки промени доведоа до еден парадокс во кој САД несомнено ја имаат најмоќната војска во светот, но редовно губат во симулираните војни кога Русија или Кина ќе ги употребат нивните ракети или дронови.
Проблемот може дополнително да се влоши. Во обидот да се спречат кинеските и руските капацитети за ограничување и забрана за пристап и маневар (А2/АД), чија цел се првораспоредените американски сили, американската војска сè повеќе се потпира на борбените системи кои бараат безбедни бази и логистички мрежи за да функционираат. На пример, САД трошат милијарди долари за производство на нов невидлив бомбардер „б-21“ што ќе може да ги пробие А2/АД мрежите. Овие исклучителни авиони нема да се влезат во употреба во наредните десет години, но Русија и Кина можеби веќе имаат капацитети кои можат да ги уништат на копно. Двете држави веројатно се веќе подготвени со напредни крстосувачки ракети кои можат да го нападнат идниот дом на „б-21“, поточно воздухопловната база „Вајтман“ во Мисури, и тоа од Мексиканскиот Залив.
Според друг пример, американската морнарица планира да изгради стотици нови воени бродови во наредните 30 години и да ги распореди во мали групи. Ваквото распоредување на поморските операции ќе ја намали американската изложеност на непријателските системи А2/АД, но тие исто така ќе ги исцрпат американските логистички сили кои ќе мора да пренесат резерви до стотици бродови распоредени на милиони квадратни километри. Кина и Русија веќе имаат планови како да ги нападнат овие логистички линии со ракети и паметни мини.
Веќе крајно време е американската војска да се подготви за борба без засолништа во базите. Наместо да чекаат ново избивање на војни и потоа брзо да ги распоредат ранливите носачи на авиони и вооружените бригади во другите држави, САД треба да распоредат ракетни лансирачи и вооружени дронови на сојузничка територија и трговски бродови во можните конфликтни зони. За борбите против Русија и Кина, тоа значи во близина на Балтикот и во Источното и Јужното Кинеско Море. Овие ракети и дронови би биле високотехнолошки мински полиња. Тие би можеле да ги уништат кинеските и руските надворешни воени капацитети, но за која било држава ќе биде тешко да ги елиминира и нема да бидат потребни големи тимови или логистички поддршки. Ваквиот пристап ја има предноста на суштинската несразмерност во воените цели на САД и нивните противници, додека Кина и Русија треба да добијат контрола врз одредена територија (на пример, Тајван или дел од Балтикот) за да ги постигнат нивните главни цели, а САД само треба да ги спречат во намерата, мисија што можат да ја изведат современите ракети и дронови.
САД располагаат со технологија со која може да се реализира ваквата стратегија, но моќните домашни играчи се двоумат дали да се посветат. Морнарицата сака големи воени бродови, а не чамци со ракети. Воздухопловните сили претпочитаат конвенционални воени авиони управувани од пилоти, а не беспилотни летала. Компаниите вклучени во бизнисот за одбрана сакаат да изградат скапи надворешни воени капацитети, а не да произведуваат евтина муниција, а патем многу Конгресмени го делат овој став, затоа што скапите воени капацитети и долгогодишните тендери отвораат работни места во нивните сфери. Надминувањето на ваквите пречки и осовременување на американскиот начин на војување во новата технолошка ера ќе наложува силни заложби од највисоките функционери во Министерството за одбрана и умерен притисок од страна на експертската јавност. Историски гледано, САД темелно ја испитуваат својата воена моќ само кога ќе претрпат голем удар. Трагично би било ако следниот удар би значел губење на војна од послаб, но технолошки понапреден противник.
Превод: Билјана Здравковска