Американка од Северна Каролина, која наводно фалсификувала документи со цел да добие државна помош од 150.000 долари наменета за компании, е обвинета дека ги потрошила сите пари за купување брендирани производи од компании како „Нејман Маркус“, „Луј Витон“, „Нордстром“, а направила обиколки и во продавниците за дијаманти, соопшти Обвинителството од оваа американска држава.
Јасмин Клифтон (24) поднела барање за економска помош поради пандемијата наведувајќи дека нејзиниот онлајн-бизнис за продажба на облека е уништен поради рестриктивните мерки, иако таа всушност ја затворила продавницата една година порано, објавија американските медиуми.
Прес-службата на Западниот округ на Северна Каролина наведува дека Клифтон презентирала документи оти нејзината компанија заработува 350.000 долари годишно иако документите покажале оти продавницата е затворена во септември 2019 година.
Освен облека, обувки и дијаманти, жената трошела пари и во ИКЕА, „Бест бај“ и „Румс ту го“, додава Обвинителството.
Таа се товари за измама и искористување на условите при голема катастрофа, а во судницата се појавила во понеделникот и била ослободена со кауција од 25.000 долари, објави АП.
Жената се соочува со казна затвор од 30 години, а би можела да плати и глоба од 1,25 милиона долари.