Исламската држава (ИД) и Ал Каеда водат смртоносна борба за територија, нови борци и влијание во Јемен, една од најсиромашните земји на Блискиот Исток. Земјата која традиционално е поделена на повеќе племенски заедници, сега се соочува со нова голема нестабилност, пренесува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на племенските лидери од земјата, безбедносни службеници и аналитичари.
Судирите на двете терористички организации сега редовно се забележуваат во провинцијата Бајда, најчесто меѓу племенските сили поврзани со ИД и Ал Каеда. Во меѓувреме, на Интернет се појавуваат пропагандни воени видеа, фотографии, па дури и поеми, сè со цел да се привлечат нови поддржувачи и симпатизери.
Во изминатите неколку недели, според „Вашингтон пост“, борбата се интензивира. ИД испрати бомбаши-самоубици на неколку од позициите на Ал Каеда, каде загинаа и беа повредени повеќе од 10 борци, вклучувајќи и неколку командири. За одмазда, Ал Каеда ги нападна базите на ИД, преземајќи ја контролата на дури шест од нив.
– Ривалството меѓу ИД и Ал Каеда во Јемен се разви во борба за одмазда – рече минатиот месец Елизабет Кендал, експерт за Јемен од Универзитетот Оксфорд.
Дури и во услови кога самопрогласениот калифат на ИД во Сирија и Ирак е победен, гранките на организацијата продожуваат да се борат против владите, но и сите други противници од Западна Африка до Југоисточна Азија, додека идеологијата и понатаму има за цел да предизвика насилство.
– Во Јемен, соперништвото меѓу двете групи раѓа нов вид на радикални симпатизери кои може да ги попречат напорите на САД и сојузниците целосно победат милитантите на ИД од овој регион и да продолжат да го држат Јемен во криза – констатираат познавачите на состојбите.