Бајден ја обвини Русија дека сака да влијае на изборите во САД
Американскиот претседател ја обвини Русија за ширење „дезинформации“ со цел да влијае на парламентарните избори што ќе се одржат во САД во 2022 година, во вчерашниот говор пред разузнавачките служби, пренесуваат светските агенции.
– Погледнете што веќе прави Русија со изборите и дезинформациите за 2022 година. Ова е јасно кршење на нашиот суверенитет – рече тој при посетата на Националната разузнавачка канцеларија во близина на Вашингтон, осврнувајќи се на информациите што ги добива секојдневно.
Американскиот претседател, како што пренесуваат светските гласила, во изјавата го нападнал и неговиот руски колега Владимир Путин.
– Рускиот претседател има голем проблем, тој води економија која има нуклеарно оружје, нафтени ресурси и ништо повеќе – рече Бајден, додавајќи „мислам дека затоа е уште поопасно“.
Американскиот претседател, исто така, изрази загриженост за зголемениот број компјутерски напади користејќи компјутерска програма која го блокира пристапот на корисникот до компјутер и бара од него да плати откуп, обично во биткоини, во замена за клуч за враќање на пристапот до податоци.
– Ако се најдеме во војна, во вистинска вооружена војна со суперсила, тоа ќе биде поради хакерски напад – изјави Бајден.
САД неодамна ја обвинија Кина за голем компјутерски напад во март а Белата куќа повеќе пати ја повикуваше Русија да ги сузбие хакерските напади, анализираат агенциите.