Поминаа четири години откако борците на Исламската држава (ИД) беа протерани од Кобани, стратешки важниот град на сириско-турската граница, но екстремното и насилничко толкување на исламот од милитантите натера многумина да ја доведат во прашање сопствената вера, објавува американската телевизија Ен-би-си њуз.
Новата црква привлекува верници. Таа го претставува првиот локален христијански храм отворен во последните неколку децении.
– Ако ИД го претставува исламот, јас веќе не сакам да бидам муслиман. Нивниот бог не е мој бог – вели Фарад Јасим (23) кој ја посетува црквата.
Менувањето на верата е реткост во Сирија, каде што оние што се откажуваат од исламот се исклучени од нивните семејства и од заедницата.
– Дури и под сирискиот режим, непосредно пред револуцијата, беше строго забрането преминувањето од исламот во христијанството, или обратно. Менувањето на верата под режимот на ИД беше дури и потешко замисливо. ИД би ве убила веднаш – објаснува 38-годишниот Омар кој работи во црквата.
Траумите со кои се соочиле жителите на Кобани во војната, придонеле за тие да имаат поотворен поглед кон христијанството.
– Многумина ја сменија верата или доаѓаат во црквата поради тоа што ИД го сторил на нив, или на нивните семејства. Никој не е принуден да ја смени верата. Нашето оружје е молитвата и ширењето на духот на љубовта, братството и толеранцијата – истакна Омар.
Верските лидери ширум светот се побунија против идеологијата на ИД. Повеќе од 100 верски лица напишаа отворено писмо до лидерот на ИД Абу Бакр ал-Багдади во 2014 година, во кое ја обвинуваат терористичката група оти „погрешно го толкува исламот“.
– Ако рајот е создаден за Исламска држава и за нејзините верувања, јас ќе го изберам пеколот за мене, наместо повторно да бидам на истото место со нив, дури и да се работи за рајот – категоричен е Фирас кој преминал во христијанство пред околу шест месеци, откако бил сведок на злосторствата на ИД.
Јасим кој работи како автомеханичар бил затворен на шест месеци од ИД, откако терористите откриле дека не ги познава основите на исламот, што придонело потоа да ја смени верата.
Се проценува дека 4,6 отсто од Сиријците се христијани, како и дека околу 700 илјади христијани избегале од државата откако почнал воениот конфликт во 2011 година.