Книгата „Собата во која се случи тоа: Мемоари од Белата куќа“ е бомбата за Трамп
Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон, во својата авторска книга „Собата во која се случи тоа: Мемоари од Белата куќа“ изнесува информации за кои тврди дека содржат многу подлабока основа за импичмент отколку оние поврзани со украинската афера од кои Трамп „преживеа“. Во отпечатената книга на Џон Болтон, која чека за објавување и промоција идната недела, поранешниот американски советник за национална безбедност тврди дека Доналд Трамп побарал од својот кинески колега Си Џинпинг помош за победа на претстојните претседателски избори.
Авторот е жив сведок на настаните што ги забележал во книгата
Според тврдењата на Болтон, за време на последната средба, американскиот претседател му рекол на Си дека зголеменото кинеско купување производи од американските земјоделци би ги подобрило неговите шанси за освојување нов мандат.
За време на нивниот состанок зад затворена врата на минатогодишниот јунски самит на Г20 во Јапонија, „Си најпрвин се пожалил во врска со американските критичари на кинескиот режим“. Како што забележува Болтон во својата книга, Трамп веднаш помислил дека оваа забелешка се однесува на демократите. Притоа, тој веднаш се согласил со својот соговорник, додавајќи дека членовите на Демократската партија се навистина непријателски настроени кон Пекинг.
„Тогаш Трамп експресно ја смени темата, спомнувајќи ги претстојните претседателски избори во САД и алудирајќи на кинеската економска способност за влијание врз новата предизборна кампања. Тој ја истакна важноста на земјоделците и зголемениот кинески откуп на соја и пченица за крајниот исход на изборите“, напиша Болтон во својата книга.
Книгата содржи строго доверливи информации
За книгата со наслов „Собата во која се случи тоа: Мемоари од Белата куќа“, американската влада тврди дека содржи строго доверливи податоци, кои можат да ѝ нанесат голема штета на националната безбедност.
Епизодата опишана во книгата на Болтон неодоливо потсетува на аферата поради која беше поведена постапката за импичмент на Трамп.
Имено, станува збор за притисокот што американскиот претседател го изврши врз својот украински колега Владимир Зеленски, кога побара од него да истражува и да пронајде валкани тајни и „нечисти алишта“ што му припаѓаат на неговиот демократски ривал, Џо Бајден, ветувајќи во замена американска воена помош за Украина.
Индикативно е што обвинувањето дека Трамп го моли Пекинг за помош доаѓа во услови на постојани предупредувања од страна на разузнавачите за странско мешање во американскиот изборен процес. Болтон е уверен дека целата низа детали, кои се презентирани во книгата (многу покомпромитирачки од украинската афера), заслужуваат сериозна истрага од Конгресот, која на крајот би резултирала со импичмент на претседателот Трамп.
Сведоштвата на Болтон се најтешко разоткривање досега од страна на еден внатрешен извор
Мемоарите на Болтон, раскажани на 592 страници, претставуваат досега најтешко разоткривање на претседателот од страна на еден внатрешен извор од Белата куќа. Критиките на сметка на Трамп добиваат дополнителна тежина ако имаме предвид дека авторот на книгата е конзервативец, кој со децении работел во републикански администрации, а притоа е и долгогодишен соработник на „Фокс њуз“. Разрешениот советник на Трамп во книгата го опишува својот претседател како непромислен и фрапантно неинформиран врховен командант, изнесувајќи на виделина голем број проблематични средби помеѓу него, неговите соработници и странските лидери. Средбата со Си Џинпинг е само еден од низата состаноци опишани во книгата, на кои Трамп барал услуги од автократски лидери.
Поранешниот американски советник за национална безбедност тврди дека бил многу вознемирен поради фактот дека Трамп им прави големи услуги на автократите како Си и Ердоган, па во 2019 година закажал средба со државниот правобранител и министер за правда, Вилијам Бар, кој исто така изразил загриженост во врска со однесувањето на американскиот претседател.
Бисерите на Трамп
Во книгата, Болтон се присетува и на големиот број „бисери“ што излегле од устата на Трамп во разговорите со соработниците или светските лидери. Така, тој еднаш го прашал својот поранешен шеф на кабинет Џон Кели дали Финска е дел од Русија. Во друга пригода, за време на средбата со тогашната британска премиерка Тереза Меј, еден од новинарите ѝ се осврнал на Велика Британија како на нуклеарна сила, на што Трамп реагирал со прашањето: „Ох, зарем вие сте нуклеарна сила?“
– И да сме на јасно, прашањето не беше шеговита забелешка – напиша Болтон во книгата. Коментарите што Болтон ги сместил во книгата се движат од изразено незадоволство поради постапките на претседателот, па до олеснување што неговите советници сепак успеале да спречат катастрофи.
За време на НАТО-самитот во 2018 година, Трамп изјави дека САД ќе излезат од овој воен сојуз доколку сојузниците не го зголемат своето финансиско учество во одбраната.
„Ќе излеземе, нема да ги браниме оние што немаат платено“, му диктирал Трамп на Болтон, кој се обидел да го премисли претседателот и да го убеди да не им се заканува на сојузниците со ваква порака, но останал вчудовиден кога Трамп го прашал: „Сакаш ли да направиш нешто што ќе остане запишано во историјата?“
„За време на еден состанок посветен на економијата, советниците беа почнале да зборуваат за Јапонија, по што Трамп толку се иритираше, што почна неконтролирано да вика, спомнувајќи го Перл Харбор“, раскажува Болтон.
Потсмевања во Белата куќа на сметка на Трамп
Книгата на поранешниот советник за национална безбедност е полна со описи за тоа како најблиските соработници го озборуваат Трамп зад неговиот грб, а меѓу нив се најде и државниот секретар Мајк Помпео.
Непосредно пред сингапурскиот самит со врвот на Северна Кореја во 2018 година, Трамп разговарал телефонски со јужнокорејскиот претседател. Помпео и Болтон биле шокирани од содржината на овој разговор. Помпео, кој го слушал разговорот додека се наоѓал на турнеја низ Блискиот Исток, му кажал на Болтон дека „доживеал инфаркт во Саудиска Арабија“. Како последица на однесувањето на Трамп, ниту Болтон не бил во многу подобра состојба, опишувајќи го своето разочарување како „искуство што може да се спореди со смрт.“
Во еден од своите налудничави истапи, Трамп изјавил дека инвазијата на Венецуела би била „ептен кул“ работа, како и дека оваа јужноамериканска држава, всушност, „им припаѓа на САД.“
Исто така, американскиот претседател постојано ги „мешал“ поранешниот и актуелниот претседател на Авганистан, а на Си Џинпинг му кажал дека американскиот народ копнее за промени во кинескиот устав, сакајќи тој да остане на функцијата и подолго од два мандата.
– Тие луѓе треба да бидат егзекутирани, зашто се гадови – изјавил Трамп (како што тврди Болтон) дискутирајќи дека новинарите би требало да бидат ставени во притвор за да ги откријат своите извори на информации.
Тој имаше само една цел
Болтон тврди дека Трамп имал само една цел во текот на својот прв мандат – да си обезбеди втор.
„Тешко можам да издвојам некоја значајна одлука за време на мандатот, која не беше во функција на калкулациите за негова повторна победа на изборите“, напиша Болтон.
Во една пригода, додека викал гласно, објаснувајќи зошто мора да се спречи илегалната имиграција и да се подигне ѕид на границата со Мексико, Трамп рекол: „Мене ме избраа токму поради тоа ветување, а сега поради ова нема да добијам втор мандат.“
Иако пред јавноста претседателот остава поинаков впечаток, Болтон го опишува Трамп како често несигурен, бесен и „климав“ кога станува збор за некои клучни одлуки. Во ноември 2018 година, Трамп се најде како цел на критики, затоа што застана во одбрана на принцот Мохамед бин Салман по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Меѓутоа, според книгата на Болтон, ваквата реакција на американскиот претседател имала цел да го оттргне вниманието на јавноста од приказната дека неговата ќерка Иванка го користи својот приватен мејл за официјални владини кореспонденции. „Ако лично го прочитам овој мој став, ќе ја забошотам аферата со Иванка“, наводно изјавил Трамп.
Опишувајќи го американското воено присуство во Авганистан, Трамп го нарекол „глупак“ поранешниот претседател Џорџ В. Буш.
Во големата желба да стане пријател со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, Трамп решил да му однесе многу подароци, но со оглед на тоа дека со подароците би ги прекршил американските санкции, тој морал да се откаже од таквиот план. Сепак, за младиот диктатор било подготвено цедето на Елтон Џон „Човек ракета“, потпишано лично од пејачот. Своевремено, Трамп му го беше дал на Ким прекарот „човек ракета“, па со овој гест, тој сакал да покаже дека не се работи за критика, туку за знак на љубов. Помпео бил задолжен да му го даде цедето на Ким, но бидејќи државниот секретар не се видел лично со него за време на самитот во Сингапур, подарокот останал непредаден.
– Со месеци се работеше на набавката на тоа цеде – открива Болтон во книгата.
Трамп нема да сака публицитет на книгата на Болтон
Во вторникот, администрацијата на Трамп поднесе тужба против поранешниот советник за национална безбедност, во обид да го блокира објавувањето на книгата, наводно поради загрозување на националната безбедност. Граѓанската тужба е поднесена само еден ден по изјавата на Трамп, во која се вели дека Болтон ќе го прекрши законот доколку ја објави книгата. Инаку, Трамп го смени Болтон од позицијата минатиот септември, по 17 месеци негов ангажман како советник за национална безбедност во Белата куќа.
Во понеделникот, Трамп им кажа на новинарите дека Болтон знае дека има тајни информации во својата книга. Исто така, претседателот изјави дека не е завршена процедурата за објавување на книгата, која мораат да ја потврдат поранешни владини функционери со некогашен пристап до чувствителните државни информации.
Американскиот државен правобранител Вилијам Бар рече дека Министерството за правда прави напори да го убеди Болтон да ја заврши процедурата и да ги избрише доверливите информации.
Книгата на Болтон би требало да биде објавена на 23 јуни. Во своето соопштение за јавноста, издавачот истакна дека книгата претставува „поглед на внатрешниот извор“ за начинот на кој Трамп ги носи своите одлуки.
Книгата зборува за тоа како Трамп ги решавал прашањата што се однесувале на Кина, Украина, Северна Кореја, Русија и Иран, како и за неговите односи со Велика Британија, Франција и Германија, се вели во објавата на издавачката куќа „Сајмон и Шустер“.
„Ова е книгата што Доналд Трамп не сака да ја прочитате“, додаваат тие.
Причината за разрешувањето на Болтон од позицијата советник лежеше во многубројните несогласувања во однос на надворешната политика помеѓу него и претседателот.