Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денеска повторно изјави дека силите на Турција ќе учествуваат во мировна мисија во Нагорно-Карабах заедно со Русија, објави телевизискиот канал „Си-ен-ен Турк“.
– Турција ќе учествува во заедничката мировна мисија за следење и контрола на спроведувањето на мировниот договор во Карабах – рече Акар.
На 9 ноември, рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Ерменското Министерство за одбрана и Генералштабот во заедничкото соопштение во вторникот соопштија дека вооружените сили на земјата ќе го почитуваат договорот за Нагорно-Карабах потпишан од лидерите на Ерменија, Русија и на Азербејџан. Тие исто така го повикаа ерменскиот народ да се воздржи од активности што може да ја дестабилизираат состојбата во земјата.
Руското Министерство за одбрана вчера објави дека е потпишан меморандум за формирање заеднички руско-турски центар за следење на примирјето во Нагорно-Карабах по онлајн-преговорите меѓу рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, и неговиот турски колега Хулуси Акар. Центарот се наоѓа во Азербејџан.
Овие договори не го споменуваат присуството на турски војници во мировниот контингент во Карабах.
Во меѓувреме, и рускиот министер Сергеј Лавров во интервју за домашни и странски медиуми рече дека ниту една турска мировна мисија нема да биде испратена во Нагорно-Карабах.
– Тоа е јасна одредба од договорот за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што го потпишаа лидерите на Азербејџан, Ерменија и на Русија – рекол тој, пренесува ТАСС.