Протестните собири против високите цени на горивата во Франција започнаа денеска со трагичен инцидент, кога автомобил прегази и усмрти учесничка на протестите.
Инцидентот се случи во местото Пон ду Бовоазан, во близина на градот Гренобл во реонот на француските Алпи.
Како што соопшти францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер до инцидентот дошло кога една жена со својот автомобил се приближила до група демонстранти, при што ја фатило паника и наместо кочницата, таа ја притиснала педалата за гас и удрила во една демонстрантка.
Жртвата при ударот се здобила со сериозни повреди и починала.
За денеска во Франција се најавени над 1.000 протестни собири против високите цени на горивата, на кои се очекува да учествуваат околу 50.000 лица.