Австрија соопшти дека сè уште го поддржува гасоводот „Северен поток 2“ и покрај зголемените резерви за проектот во делови од Европа по труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Австрискиот претседателот Александар Ван дер Белен вчера рече дека не треба да се поставува никаква врска помеѓу случајот Навални и Северен поток 2, речиси комплетен гасовод што ќе носи гас од Русија во Европа под Балтичкото Море.
Ван дер Белен зборуваше со украинскиот претседател Владимир Зеленски, чија земја добива витален приход од транзитот на руски гас. Претходно, претседателот на Австрија го оцени гасоводот Северен поток 2 како економски позитивен проект.
Подоцна во текот на денот, и австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека не треба да се поврзува труењето на критичарот на руската власт Алексеј Навални и гасоводот Северен поток 2.
– Не постои никаква поврзаност помеѓу нападот врз критичарот на Кремљ и Северен поток 2. Гасоводот е економски позитивен проект – истакна Курц по средбата со Зеленски во Виена и додаде дека проектот се однесува на диверзификација на енергијата за Европа.
Зеленски рече дека ги разбира економските и деловните интереси на Австрија, но дека „Северен поток 2“ е поврзан со енергетската безбедност на Украина и идниот проток на енергија кон Европа. Тој рече дека се надева оти гасоводот ќе се гледа „од нивна гледна точка“.
По нападот на Навални се погласни се барањата да се стопира изградбата на гасоводот Северен поток 2, со цел да се изврши притисок врз Москва. Додека Германија се уште не се има изјаснето за тоа, Австрија се залага за проектот, во кој учествува и компанијата ОМВ.
Курц и Зеленски го осудија нападот врз Навални и побараа истрага. Австрискиот канцелар нагласи дека виновниците мора да бидат изведени пред лицето на правдата.