Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, призна дека имало пропусти во работата на безбедносните служби по терористичкиот напад во Виена. Нехамер рече дека се точни информациите оти словачката разузнавачка служба летоска ја известила австриската Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (БВТ) за обидот на тоа лице да купи муниција.
– Очигледно дека во следните чекори дошло до проблеми во комуникацијата – рече министерот. Тој најави дека ќе му предложи на Националниот совет за безбедност на Австрија формирање независна истражна комисија која треба да го расветли случајот.
За време на истрагата во врска со терористичкиот напад полицијата извршила претрес во многу станови на лица од опкружувањето на убиениот напаѓач и уапсила 14 лица на возраст од 18 до 28 години. Сите имаат мигрантско потекло и делумно немаат австриско државјанство. Против нив се води истрага во врска со терористичко здружување.