Австралиската разузнавачка служба предупреди на заканата од неонацистичките групи, кои ја поткопуваат безбедносната на земјата. Директорот на австралиското разузнавање Мајк Бурџес изјави дека мали ќелии на десничарски екстремисти редовно одржуваат состаноци, на кои салутираат пред нацистичкото знаме и ја споделуваат нивната идеологија, пренесува Би-би-си.
Во реткото јавно обраќање, Бурџес предупредува дека заканата е реална и сѐ поголема.
– Во предградијата на Австралија, мали ќелии редовно се среќаваат за да салутираат на нацистичките знамиња, вршат контрола на оружје и тренираат во борбени услови, при што ја шират нивната идеологија на омраза – истакна првиот човек на австралиското разузнавање.
Тој, исто така, порача дека заканата од странска шпионажа сега е поголема дури во споредба со периодот на Студената војна. Според него, странски агент бил инсталиран во Австралија и повеќе години вршел шпионажа.
– По подолг период на мирување, агентот почнал да споделува информации до претпоставените и да предизвикува проблеми за дисидентите од странските земји, пред конечно да биде откриен – порача Бурџес, без да прецизира која земја го испратила агентот.