Лицемерие, презир, лаги, се зборовите што ги користи францускиот министер за надворешни работи за да ја опише кризата во односите на неговата земја со САД и Австралија, која го откажа мега-договорот за француските подморници и избра да изгради нуклеарни, а регионот се плаши од можноста дека со ваквиот чекор ќе биде поттикната трка во вооружувањето.
Австралија, Велика Британија и САД во средата објавија формирање на трилатералната безбедносна алијанса „Аукус“, поради зајакнување на одбранбената соработка во Индо-Пацификот, која предвидува флота од нуклеарни подморници што Австралија ќе ги изгради со помош на САД.
Како резултат на таа одлука, Канбера се откажа од договор вреден 40 милијарди долари со француска компанија која требаше да изгради флота од подморници, на што Париз жестоко реагираше и ги повлече своите амбасадори, пренесоа медиумите во светот.
„Факт е дека за првпат во историјата на американско-француските односи го отповикавме нашиот амбасадор на консултации“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.
„Овие настани го покажуваат интензитетот на кризата што постои денес меѓу двете земји, но и Австралија“, додаде францускиот министер за надворешни работи.
„Имаше лицемерие, презир и лаги – не можете така да се однесувате во сојуз“, рече Ле Дриан.
Претседателот Емануел Макрон не разговарал со американскиот колега Џо Бајден за прашањето за подморниците, рече тој.
Договорите за изградба на подморници Канбера и Париз беа потпишани во 2016 година, како дел од договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Ле Дриан уште еднаш направи паралела помеѓу постапките на актуелниот американски лидер со непредвидливото однесување на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп.
„Овие брутални, еднострани и непредвидливи одлуки силно ме потсетуваат на она што го направи Трамп“, рече Ле Дриан.
Пред да се врати во Париз, францускиот амбасадор во Австралија, Жан Пјер Тебо, одлуката на Канбера да ги набави подморниците ја нарече „огромна“ грешка, бидејќи тоа „не е договор, туку партнерство базирано на доверба, меѓусебно разбирање и искреност“.
Новото трипартитно партнерство беше критикувано и од Кина, најголемата сила во Индо-Пацификот, а премиерот реагираше, предвидувајќи дека тоа ќе ја поттикне регионалната трка за вооружување.