Европскиот комесар за имиграција Димитрис Аврамопулос изјави дека речиси е невозможно да се реализираат европските планови за создавање центри за спасување на мигранти на море во Северна Африка.
– Ниту една земја во овој дел од медитеранскиот регион не го прифати создавањето на таква платформа – изјави Аврамопулос во интервјуто за австрискиот весник „Пресе”, ставајќи го под знак прашалник клучниот елемент од договорот за миграција што го постигнаа лидерите на ЕУ во јуни.
Тој е скептичен и по прашањето дали е реално склучувањето договори со северноафриканските земји за запирање на миграцијата преку Средоземното Море.
-Како можеш да направиш такво нешто со Либија? Тоа е невозможно во пракса – рече комесарот, имајќи ги предвид како договорите за имиграција, така и центри за спасување на мигранти во Северна Африка.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера соопшти дека планира да ја зајакне границата и крајбрежната стража на ЕУ и да го зајакне системот за азил. Јункер ги повика земјите-членки да создадат повеќе правни начини за влез на квалификувани имигранти во ЕУ.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Херберт Кикел, денеска изјави дека работната миграција ќе мора да почека додека границите на ЕУ не се ефективно обезбедени.
За планот на Јункер ќе се мисли „кога ќе создадеме ред во други области, а имено во борбата против нелегалната имиграција, изјави тој во Виена на маргините на конференцијата на ЕУ за имиграција.