Осумнаесет лица, меѓу кои и четири деца, загинаа вчера во провинцијата Дарфур во несреќа на судански воен авион, кој носел помош во регионот кој се наоѓа во западен Судан.
Војската соопшти дека се урнал авион од советско производство „Антонов 12“. Леталото се урнало пет минути по полетувањето од аеродромот во Ел Генеина, главен град на Западен Дарфур, кој е погоден од племенски борби.
Според локалната Црвена полумесечина, 48 лица загинале, а 241 лица се повредени во неделата и понеделникот за време на борбите на ривалските арапски и африкански племиња во Ел Генеина, регион опустошен од насилство од 2003 година.
Жителите телефонски потврдиле за агенцијата „Франс прес“ дека борбите престанале и дека безбедносните сили патролираат на главните улици во градот.
Владата во понеделникот воведе полициски час во Западен Дарфур. На крајот на декември, суданската влада и девет бунтовнички групи се согласија за планот за прекин на конфликтот во Дарфур.