Шефот на здружениот штаб на американската армија, генерал Марк Мили, рече дека Авганистан е на работ на граѓанска војна, со закана за ново зајакнување на терористичките групи во таа земја.
– Мојата воена проценка е дека условите може да прераснат во граѓанска војна – рече Мили во интервју за „Фокс њуз“ во саботата во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
– Не знам дали Талибанците се способни да ја зацврстат власта и да воспостават владеење – додаде тој.
Затоа, терористичките групи би можеле да го искористат вакуумот за власт во Авганистан, предупреди Мили.
Се стравува дека Ал Каеда може да се реорганизира и дека екстремистите од Исламската држава би можеле да го прошират своето влијание или дека безброј други терористички групи можат да се прошират.
– Може да забележите заживување на тероризмот во тој регион за 12, 24, 36 месеци. И ние ќе го следиме тоа – додаде тој.
Повлекувањето на последните американски војници од Кабул минатата недела го означи крајот на воената мисија на Вашингтон и неговите сојузници во Авганистан по речиси 20 години.
Како главен аргумент за повлекувањето, администрацијата на Бајден наведува дека Ал Каеда е ефикасно размонтирана и повеќе не е способна да напаѓа цели во САД од Авганистан.