Кој ќе ја преземе одговорноста за хаосот во Авганистан
Угледната авганистанска политичарка Фавзија Куфи за британски „Гардијан“ ја коментира состојбата во својата земја, а веста ја пренесува хрватски „Јутарњи лист“
Ако американскиот претседател Џо Бајден го одложеше повлекувањето на американските војници од Авганистан за само еден месец, работите можеби немаше да излезат од контрола и мировните преговори ќе продолжеа меѓу авганистанските власти и талибанците, како што вели истакнатата авганистанска политичарка Фавзија Куфи. Поранешната пратеничка, прва потпретседателка на авганистанското национално собрание и активистка за правата на жените, за британски „Гардијан“ порача дека хаотичното повлекување на американската војска ги поништило сите ефекти од тристраните мировни преговори меѓу САД, авганистанските власти и талибанците, водени во Катар.
– Авганистан е жртва на грешка. Претседателот Бајден можеше да чека да се смири политичката ситуација и да се обиде да постигне договор. Договор можеше да се постигне. Така, хаосот што настана во земјата непотребно стави голем број луѓе во опасност – изјави Куфи од нејзиниот дом, каде што досега преживеа два обида за атентат.
Злоупотребена дозвола за патување
Куфи посочи дека сите Авганистанци сакале меѓународните сили да си заминат.
– Не е ниту одржливо ниту логично да ги набљудувате странските сили како ја штитат вашата земја, а истовремено нивното повлекување да се случи сега, кога сите беа толку блиску до конечен договор. Ако Американците останеа доследни на нивниот политички притисок врз бунтовниците, сигурна сум дека преговорите ќе успееја – додаде политичарката и активистка.
Исто така, таа е незадоволна од начинот на кој американските власти ги организираа преговорите, особено кога станува збор за укинување на забраната за патување на талибанците, за да можат да присуствуваат на преговорите во Доха, Катар. Тие токму го злоупотребија овој чин.
– Отидоа во Кина, Русија, Турција и во Иран со цел да ја зајакнат поддршката на тие земји. Затоа светот мора внимателно да следи како ќе се развива оваа ситуација – порача таа.
Куфи додаде дека не сака да ја напушти земјата и покрај големата опасност што ѝ се заканува, но и дека е крајно загрижена за жените и девојките во Авганистан.
– Жените се чувствуваат напуштено и предадено, а истовремено и мажите се чувствуваат напуштено. Светските лидери не го почитуваа она што го рекоа. Жените тука се цврсти и сè уште можат да бидат двигатели на промени во земјата. Тие сакаат да придонесат за подобар Авганистан, да помогнат во изградбата на подобра држава, но овој пат е поинаку. Жените се способни за многу нешта, не се дел од деструкцијата, туку од изградбата затоа што не се бореа заедно со милитантите. Скоро се одржа протест во Кабул каде што се појавија само шест или седум жени, но исто така тоа покажа дека има и такви што се подготвени да го кренат својот глас. Мислам дека така ќе продолжи и во иднина, дека ќе се испрати порака во светот и ќе се привлече вниманието на она што им е наметнато. Авганистанките само сакаат почит и рамноправност – додава таа, но сепак е убедена дека има надеж за Авганистан.
Талибанците мора да преземат храбри чекори
Куфи не знае што ќе се случи следно во земјата. Таа вели дека во изјавите за медиумите, талибанците порачале дека сега работите ќе се променат.
– Тие мора да преземат храбри чекори за да ги променат своите стари навики, бидејќи едно се политичките изјави, а друго се борците на терен, кои не се согласуваат со тие ставови. Талибанските политички водачи, некои од нив, во Катар видоа како е можно да се има емират што ги почитува жените, им дозволува да одат на училиште и да се занимаваат со политика. Но талибанскиот пристап кон религијата е длабоко конзервативен и измешан со традиција што не е исламска. Бурката, на пример, нема место во исламот, но многу млади талибанци не го знаат ова бидејќи не се образовани. Неодамна разговарав со еден млад талибанец и го прашав што го натера да им се придружи. Тој рече дека бил повикан од неговата вера. Но што знае тој за верата кога воопшто не бил образован? – прашува Куфи.
Таа нагласи дека никогаш нема да ја напушти својата земја бидејќи верува дека има надеж за Авганистан.
– Ова е моја земја и цел живот живеев со подемите и падовите на Авганистан. Мислам дека веќе не е прашање на избор. Никогаш не би ги променила оваа клима и топлината на мојот народ за која било земја во светот. Дадов крв за Авганистан. Но во моментов сум во опасност и ризик за тоа што сум и што правам. Говорењето во јавност значи директно спротивставување на оние што размислуваат поинаку, а тоа не се само талибанците туку и разни други групи – вели таа.
Целото семејство е во опасност
Минатиот август, Куфи беше застрелана во рамото, а куршум за малку не ја погодил во градите.
– Моите ќерки се во Кабул, куќата на сестра ми е нападната, сите членови на моето семејство, и жени и мажи, се во голема опасност. Ако имам избор, ќе ја однесев ќерка ми на безбедно место, но потоа ќе се вратев – рече таа.
Таа додава дека луѓето се многу лути и разочарани од потегот на САД и дека многу од нив никогаш повеќе нема да им веруваат на Американците, но да не се заборави дека во 2014 година, Џон Кери дојде во Авганистан и го назначи (продемократскиот) Ашраф Гани за претседател.
– Многу е тешко да се предвиди иднината. Околностите се многу неизвесни. Во најдобро сценарио, ќе успееме да формираме инклузивна влада што ќе се грижи за потребите на сите Авганистанци и ќе има избори на кои ќе учествуваат жени и сите социјални групи. Во најлош случај, меѓународната заедница ќе ни го сврти грбот целосно, а Авганистан, како исламски емират, повторно ќе потоне во беда. Единствено што ми преостанува е да останам и да се борам за нашите жени и мажи – заклучи таа.
Талибанците му намигнуваат на Пекинг
Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, изрази надежи дека
Авганистан би можел да усвои умерена исламистичка политика
Кина одигра конструктивна улога во промовирањето на мирот и помирувањето во Авганистан, па е добредојдена да придонесе за обнова на земјата, порача портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, за кинеските државни медиуми.
По силната офанзива, талибанските милитанти во текот на минатиот викенд ја презедоа контролата врз главниот град на Авганистан, Кабул, принудувајќи илјадници цивили и авганистански воени сојузници да побегнат, плашејќи се од одмазда, како и од враќањето на строгото толкување на исламскиот закон, шеријатот, наметнат во текот на претходното талибанско владеење, кое заврши пред 20 години.
Во односите со талибанците, сè помоќната Кина може да го искористи фактот дека, за разлика од Русија и од САД, не се бореше во Авганистан, пишува „Ројтерс“.
– Кина е голема земја со огромна економија и капацитет и сметам дека може да одигра многу голема улога во обновата и рехабилитацијата на Авганистан – порача Шахин во интервју за кинеската глобална телевизиска мрежа (ЦГТН) во четвртокот.
Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, изрази надеж минатиот месец за време на состанокот со талибанската делегација во северниот кинески пристанишен град Тианџин дека Авганистан може да усвои умерена исламистичка политика.
Авганистан се граничи со западниот кинески регион Синџијанг, претежно населен со муслиманско ујгурско етничко малцинство, а Кина се соочува со обвинувања од западните земји, како што се САД, дека извршила геноцид врз таа заедница. Кина одамна е загрижена дека територијата под контрола на талибанците ќе се користи како прибежиште од сепаратистичките сили на Ујгурите.