Најмалку 50 цивили загинаа во два поединечни напади кога западно поддржаните
авганистански владини сили и талибанските борци извршија напади откако пропадна
мировниот договор меѓу вооружените групи и САД на почетокот од месецов.
Во американски поддржаниот воздушен напад што го спроведоа авганистанските
безбедносни сили случајно беше погодена фарма во провинцијата Нангархар и притоа
загинаа околу 30 цивили, а 40 се повредени додека најмалку 20 лица загинаа во експлозија на автомобил-бомба во провинцијата Забул за кој одговорност презедоа талибанците.
Авганистанските власти соопштија дека нападот со дрон имал намера да уништи
засолниште на борци од ИСИС, но случајно погодил фарма. Министерството за одбрана
во Кабул го потврди нападот, но одби да соопшти детали за загинатите.
Во нападот на талибанците целта била воен полигон на моќната авганистанска шпионска агенција, но автомобилот-бомба завршил пред болница во негова близина. Во експлозијата сериозно се повредени неколку жени, деца, медицински лица и пациенти од болницата.
Талибанските напади во Авганистан зачестија поради претседателските избори што се
закажани на 28 септември. Талибанците испратија предупредувања дека ќе ја заострат офанзивата против авганистанската влада и странските сили за да го одвратат народот од гласање на изборите.
На изборите се очекува да гласаат над девет милиони Авганистанци поради што владата распореди над 70.000 припадници на безбедносните сили во државата. Американскиот претседател нагло ги прекина преговорите за можен договор со талибанците на почетокот од овој месец со цел да ги повлече американските сили од Авганистан во замена за безбедносни гаранции од талибанските бунтовници.