Веќе имавме слична ситуација во 2018 година кога долгогодишниот адвокат на Доналд Трамп, Мајкл Коен, се соочи со рација на неговиот дом и канцеларија, во рамки на истрагата за кривични дела починети во име на неговиот клиент, за кои беше обвинет, пишува Мајкл Д’Антонио во неговата колумна за „Си-ен-ен“.
Коен најпосле соработуваше со истражителите давајќи информации за бизнис-зделките на Трамп и се изјасни како виновен за обвиненијата против него. Трамп го нарече Руди Џулијани „голем патриот“ по рацијата извршена минатата недела. Исто како и Коен, и Џулијани беше адвокат на Трамп. Рациите врз домот и канцеларијата на Џулијани се поврзани со неговите активности во Украина во пресрет на американските претседателски избори одржани минатата година. Џулијани наводно барал помош од Украина за да дојде до информации што би можеле да му наштетат на Џо Бајден, тогашниот политички ривал на неговиот клиент.
Џулијани даде назнака дека неговите симпатии кон Трамп се ограничени во пресрет на првиот процес за импичмент на поранешниот американски претседател, кога кажа дека поседува „осигурување“ со кое Трамп ќе остане лојален кон него. Подоцна тврдеше дека коментарот бил саркастичен.
Сега, пак, се чини дека Трамп и Џулијани веќе немаат взаемна корист од нивниот однос. На Трамп не му е потребна политичката поддршка на Џулијани, а Трамп не може ниту да издаде помилување за Џулијани во однос на обвиненијата со кои поранешниот градоначалник на Њујорк се соочува, бидејќи веќе не е претседател.
Извесно е дека обвинителството во рациите ќе бара материјали и докази што ќе послужат за убедување на обвинетиот да ги сподели своите сознанија. Ова ја доведува во прашање лојалноста на Џулијани, со што се поставува прашањето зошто тој не би се свртел против Трамп, заклучува Д’Антонио.
Врховниот суд на САД во февруари му одобри на обвинителството да ги прибави даночните пријави и другите финансиски податоци на Трамп во рамки на кривчната истрага што се води против него. Судиите го отфрлија барањето на Трамп за одложување на примената на судската одлука донесена на 7 октомври минатата година, според која на сметководствената компанија „Мазарс САД“ и’ е наредено да ги предаде материјалите и податоците на големата порота, свикана од окружниот обвинител Сајрус Венц од Менхетен. Поранешниот американски претседател се соочува и со истрагите за неговиот обид за поништување на претседателските изборите во ноември минатата година, како и за неговата улога во поттикнувањето на немирите на Капитол Хил на 6 јануари.