Атентатот врз американскиот претседател Џон Кенеди 57 години подоцна сè уште фасцинира и поттикнува теории на заговор, со што претставува еден еден од најзначајните настани во 20-от век. Сепак, американската јавност уште нема пристап до голем број од документите и извештаите поврзани со неговото убиство, пренесува „Њузвик“.
Триесет и петтиот американски претседател беше застрелан од страна на Ли Харви Освалд во 1963 година додека се возеше во претседателската поворка во Далас, Тексас.
Иако повеќето документи поврзани со неговиот атентат беа јавно достапни под „Законот за записи поврзани со атентатот“ од 1992 година, со кој се налагаше целиот материјал да биде објавен јавно 25 години подоцна, односно до 26 октомври 2017 година. Сепак, претседателот на САД, Доналд Трамп, под изговор дека е загрижен за националните безбедносни и разузнавачки агенции, не го стори тоа во неговиот претседателски мандат. Тој им дозволи на Националните архиви да објават само мал дел од вкупниот број документи, околу 3.000.
Според Националните архиви, околу 15.834 од досиејата сè уште содржат редакции, со кои делови од нивната содржина биле изоставени, а 520 остануваат необјавени во целост. Голем дел од документите беше задржан на барање на ЦИА, со изговор дека е потребно повеќе време за нивен детален преглед.
Во април 2018 година беше изјавено дека одлуката за материјалите мора повторно да се разгледа пред 26 октомври 2021 година „за да се утврди дали е потребно продолжување на задржувањето“. Ова значи дека нивната судбина ќе биде во надлежност на администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден.
– Според законот, сите документи мора да бидат објавени во целост, без никакви редакции, до 26 октомври 2021 година. Всушност, Бајден не треба да преземе ништо. Да се надеваме дека неговата администрација конечно ќе се усогласи со Законот за записи за ЏФК за да ги надмине очекуваните понатамошни опструкции на американските разузнавачки агенции и целосно да ги објави сите документи – изјави за „Њузвик“ Рас Бејкер, новинар и експерт за атентатот на Кенеди.
Тој рече дека иако се знае доволно за атентатот, а серијата необјавени документи не се единствениот извор на информации за убиството на Кенеди, за американскиот народ е важно тие да излезат на виделина.
– Од најголема важност е да бидат обелоденети сите записи и документи поврзани со атентатот врз Кенеди. Американскиот народ има право да ги знае фактите и околностите. Да се тврди дека националната безбедност ќе биде загрозена со откривање на записи стари речиси 60 години е смешно – вели Џејкоб Хорнбергер, претседател на фондацијата „Иднина на слободата“.
Сепак, тој очекува дека и Бајден ќе мора да потклекне на желбите на ЦИА и остатокот од институциите за национална безбедност.
– Доколку во 2021 година биде побарано уште едно продолжување за држење на документите во тајност, јас верувам дека Бајден ќе го одобри барањето – рече Хорнбергер.