Истрагата која ја спроведе меѓународен медиумски конзорциум, заснована на податоци кои протекоа во јавноста, обезбедува дополнителни докази дека софтверот „Пегаз“ на израелската група „НСО“ се користи за шпионирање на новинари, активисти за човекови права и политички неистомисленици.
На списокот со повеќе од 50.000 мобилни телефонски броеви кои ги добиле непрофитни организации „Забранети приказни“ и „Амнести Интернешнал“ и потоа се споделени со 16 медиумски организации, новинарите идентификувале повеќе од 1.000 лица во 50 земји, кои наводно клиентите на НСО ги одбрале за потенцијален надзор.
Според „Вашингтон пост“ член на меѓународниот конзорциоум, меѓу нив има 189 новинари, повеќе од 600 политичари и владини службеници, најмалку 65 деловни лидери, 85 активисти за човекови права и неколку шефови на држави.
Новинарите кои биле шпиунирани работат за „Асошиејтед Прес“, „Ројтерс“, „Си-Ен-Ен“, „Вол Стрит Журнал“, „Ле Монд“ и „Фајненшл тајмс“.
„Амнести“ наведува дека нејзините форензички истражувачи утврдиле дека водечкиот шпионски софтвер на Групацијата „НСО“ успешно е инсталиран на телефонот на турската новинарка Хадија Ченгиз, свршеница на убиениот новинар на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, само четири дена откако беше ликвидиран во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во 2018 година.
Компанијата претходно се поврзуваше со шпионирање на Кашоги.
Групата „НСО“ негираше дека податоците на кои се темели извештајот протекле од нејзините сервери, наведувајќи дека „таквите податоци никогаш не постоеле“ на ниту еден нејзин сервер.
Компанијата изјави дека извештајот е „полн со погрешни претпоставки“ и повтори дека го продава софтверот само на властите, за употреба против терористите и најголемите криминалци.
Критичарите ги нарекуваат тврдењата неискрени и укажуваат на проблемот со скоро целосен недостаток на регулатива од страна на приватната глобална индустрија за надзор.