Убедливата победа на продемократските сили на локалните избори во Хонгконг, каква што досега не е забележана, претставува „шлаканица“ за градската власт, но насилните протести кои го зафатија градот во изминатите шест месеци нема да престанат додека властите ги игнорираат политичките барања на граѓаните, според аналитичарите, пренесува „Гардијан“.
На своевидниот референдум за демократското движење гласаа безмалку три милиони луѓе што, претставува 71 отсто од електоратот, односно скоро половина од популацијата на Хонгконг.
Демонстрантите, преку социјалните мрежи се согласија да ги прекинат нивните протести, што овозможи прв викенд без солзавец во Хонгконг уште од средината на август и рекордна излезеност на изборите.
Продемократските политичари победија во речиси сите 18 совети на дистриктите, што е протолкувано како израз на недоверба кон властите.
Пензионираниот факултетски професор Џозеф Ченг истакна дека народот на Хонгконг ја искористил можноста да изрази незадоволство од власта, и оти сакал да наметне притисок врз власта за да одговори на политичките барања. Тој предупредува и дека протестите нема да престанат доколку владата не успее да одговори на соодветен начин на протестите.
– Тие не се откажаа од нивната поддршка на продемократскиот табор и на демонстрантите. Ова е шлаканица по образот на администрацијата на премиерката Кери Лам која инсистираше дека тивкото мнозинство ја поддржува власта. Кери Лам нема политика што ќе овозможи враќање во нормала. Топката сега е во рацете на власта. Но владата има став според кој не може да ги исполни барањата и не може да го прифати притисокот. Мислам дека Пекинг ќе продолжи да зазема цврст став и нема да направи отстапки – смета Ченг.