Американскиот сојузен суд денеска осуди еден од демонстрантите кои упаднаа во Капитол, познат како „Кјуанон шаман“, на 41 месец затвор за неговата улога во смртоносните настани од 6 јануари годинава.
Поради неговото обоено лице, крзно и рогови на главата, Џејкоб Ченсли стана еден од симболите на упадот на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп во центарот на американската демократија, на денот на потврдувањето на изборната победа на демократот Џо Бајден, која претходно беше оспорена од републиканецот.
Обвинителите побараа подолга затворска казна од 51 месец за Ченсли, откако тој во септември се изјасни за виновен за учество во блокирање на работата на Конгресот на САД.
Казната од 41 месец затвор одговара на онаа што ја изрече истиот судија на тренер по боречки вештини кој беше снимен како удира полицаец за време на тие настани. Оваа двојка досега ги доби двете најстроги казни од вкупно 675 обвинети.
Судијата рече дека верува оти 34-годишниот Ченсли, кој е приведен од јануари, се вратил на вистинскиот пат.
„Најтешкиот дел од ова е што знам дека јас самиот сум виновен“, рече тој во изјавата пред пресудата, осврнувајќи се на тешкото детство.
„Мислев дека ќе добијам 20 години во самица“, додаде тој.
На Ченсли во притоврот му била дијагностицирана шизофренија, заедно со биполарно растројство, депресија и анксиозност.
Во крвавите настани од 6 јануари животот го загубија четири лица. Ден по нередите загина и полицаец кој беше нападнат од демонстрантите, а животот си го одзедоа уште четворица полицајци сведоци на трауматичните настани. Вкупно 140 се повредени.