Европската агенција за борба против измами, ОЛАФ, и Европол регистрираа тајна мрежа на лажни продавачи на вакцини против ковид-19 што ги злоупотребуваат имињата на официјалните фармацевтски компании и нудат зделки за набавка на вакцини. Целта на софистицираната измамничка мрежа е да им се украдат
пари на националните власти во земјите низ ЕУ што се обидуваат по секоја цена да го имунизираат своето население
Мрежа на лажни продавачи на вакцини против ковид-19 што ги злоупотребуваат имињата на официјалните фармацевтски производители е новиот енормен проблем со кој се соочуваат повеќе земји-членки на Унијата. Имено, Европската агенција за борба против измами, ОЛАФ, ги предупредува владите низ Европа да бидат крајно внимателни кога и од кого нарачуваат вакцини, бидејќи во оптек се измамнички шеми и афери внатре во евросојузот. Во соопштението на агенцијата се посочува дека ОЛАФ веќе поседува извештаи за измамници што се обидуваат да продадат вакцини низ ЕУ. Иако во нив не се наведува кои европски влади досега наседнале на лагите на измамниците, целта на софистицираната измамничка мрежа, според ОЛАФ, е да се украдат пари на националните власти во земјите низ блокот, кои, пак, се обидуваат по секоја цена да го имунизираат своето население.
– На пример, измамниците може да понудат да продадат големи количества вакцини, да достават примерок за да ја фатат првата аконтација, а потоа да исчезнат со парите – вели Вил Итали, генерален директор на ОЛАФ.
Според него, измамниците што користат софистицирани методи на комуникација со владите во некои случаи доставувале и серија лажни вакцини, на кои подоцна лесно наседнувале раководствата на државите. Затоа, според ОЛАФ, властите низ Европа треба многу претпазливо да пристапуваат во процесот кон набавка на вакцините за имунизација на своето население.
Европол будно ги следи случувањата со измамите
Во меѓувреме, додека ЕУ е критикувана за бавното ширење на вакцините против коронавирусот во споредба со другите делови на светот, заостанувајќи зад темпото на Велика Британија или Израел, според „ЕУ обсервер“, ЕК доцни и со потпишувањето на шесте договори за набавка на две милијарди дози различни вакцини против коронавирусот. Имено бриселскиот медиум пишува дека и оваа набавка на Брисел е под знак прашалник дали ќе успее, бидејќи единствено три од шесте фармацевтски компании со кои ЕК потпиша договор за набавка на вакцини се одобрени за употреба на нивните вакцини од здравствените тела на Унијата. Во исто време, нивната испорака сѐ уште е нарушена поради доцнењето во производството на компаниите.
Токму во таа насока дури и европската полициска агенција Европол, во декември го истакна ризикот од измами за организиран криминал поврзани со вакцините против ковид-19. Европол тогаш не ја исклучи и можноста криминалците да се обидат да продаваат опасни фалсификувани вакцини, како и да се обидат да ги киднапираат пратките со вистинските вакцини. Покрај измамите со вакцини, ОЛАФ ја следи и нелегалната трговија со маските за лице, комплетите за тестирање и други производи поврзани со пандемијата. Телото за борба против измама соопшти дека досега нема запленето никакви лажни вакцини, но идентификувало повеќе од 1.000 осомничени измамници што се обиделе да стапат во контакт со повеќе европски влади.
Социјалните мрежи пазар за лажни вакцини
Во исто време, на оваа тема „Еурактив“ пишува дека мрежата на лажни продавачи на вакцини против ковид-19 што ги злоупотребуваат имињата на официјалните производители е најраспространета на социјалните мрежи. Имено, медиумот наведува дека мрежите како Телеграм, Парлер, Агарта и други се местата каде што овие измамници ги нудат договорите и вакцините на подници, но и на официјалните профили на владите низ Европа.
– Кога се пребарува во мистериозните сајбер-мрежи на интернет, се појавуваат стотици резултати од понуди за наводна вакцина против ковид-19. Се нудат илјадници дози, а плаќањето се врши во биткоини, електронска валута што тешко може да се следи во финансискиот систем. Некои измамници одат на големо, односно нудат само големи количества од 10 илјади дози, кои ги нудат за неверојатни 30.000 долари. Целта се лица и институции со поголема куповна моќ и да се извлече што поголема сума пари – наведува магазинот.
Поларниот вортекс претставува синоптичка состојба карактеристична за Северниот Пол што се спушта во јужните делови на Земјината полутопка и предизвикува снежни невремиња. Научниците велат дека глобалното затоплување предизвикано од луѓето делумно ги предизвикало спуштањето на поларниот вортекс кон југот и неговото почесто задржување во овие делови. Над 100 милиони лица се оковани од снежното невреме што завчера го погоди Тексас, како и други јужни сојузни држави. Околу четири милиони жители на Тексас останаа без струја, а само 1,4 милион во Хјустон. Снежната бура се заканува да го наруши текот на вакцинацијата против ковид-19. Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека е можно да се јави доцнење на испораката на вакцините во нивната држава.