Американски ортопедски хирург од Калифорнија и неговата девојка се обвинети за дрогирање и силување две жени, а полицијата се сомнева дека двојката сексуално нападнала уште стотици други жртви, јави Би-би-си.
Грант Вилијам Робишо (38) и неговата партнерка Сериса Рајли (31) ги нападнале двете жени откако ги запознале во бар и во ресторан во 2016 година. Според полицијата, двојката ги наоѓала своите жртви на музички фестивали, во ресторани и во барови, по што ги терале да пијат големи количества алкохол или ги дрогирале со кокаин, екстази и со ГХБ (позната како дрога за силување), а потоа ги носеле во станот на хирургот и сексуално ги малтретирале.
Обвинителите велат дека на нивните телефони се откриени илјадници снимки од стотици потенцијални жртви на силување и иследниците се обидуваат да ги идентификуваат жените. Тие посочуваат дека хирургот, кој учествувал во едно реално ТВ-шоу за навиките на мажите на сајтовите за запознавање, и неговата девојка ги користеле добриот изглед и шармот за да ги намамат жртвите. Двајцата се обвинети за силување и за поседување дрога и оружје, за што им се закануваат затворски казни од 40 и од 30 години. Судот одлучи да ги пушти да се бранат од слобода со кауција од 100.000 долари.