Хелсинки на 16 јули ќе биде домаќин на самитот на американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин. Главниот град на Финска повеќе пати била домаќин на меѓународни средби.
На почетокот од 70-тите години од минатиот век Финска е домаќин на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа, која во 1975 година доведе до потпишување на така наречената Декларација од Хелсинки. Меѓу потписниците се и тогашниот претседател на САД, Џералд Форд и советскиот лидер Леонид Брежњев, кои на одделна средба разговараа за мерките за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје.
Конференцијата имаше клучна улога во градењето на мост помеѓу Истокот и Западот за време на Студената војна, а во 1995 година е преименувана во Организација за безбедност и соработка во Европа.
Во 1990 година претседателот на САД, Џорџ Буш во Хелсинки се сретна со советскиот лидер Михаил Горбачов, а разговараа за ирачката инвазија на Кувајт.
Советскиот сојуз се распадна во 1991 година, а шест години подоцна Хелсинки беше домаќин на средбата на тогашниот руски и американски претседател, Борис Елцин и Бил Клинтон. Тема на разговори беше намалување на арсеналот нуклеарно оружје и плановите за проширување на НАТО.
Хелсинки во 1985 и во 1996 година беше домаќин на преговори помеѓу министрите за надворешни работи на двете нуклеарни супер сили.
Финска е членка на Европска унија, но не и на НАТО. Од 1994 година земјата соработува со Алијансата во рамките на програрамата Партнерство за мир и учествува во операциите на НАТО во Авганистан.